• вторник, 24 декември 2024

Битиќи: Падот на економијата во нашата земја во споредба со земјите од регионот покажува дека сме на средина

Битиќи: Падот на економијата во нашата земја во споредба со земјите од регионот покажува дека сме на средина
Скопје, 9 декември 2020 (МИА) – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека во време на пандемија кога се соочуваме со човечки жртви се непотребни обвинувања. - Економската криза не дојде заради Фатмир, не дојде заради Зоран Заев, ниту пак дојде заради Мицкоски. Таа беше во март, е денеска и ќе биде овде и наредниот април без разлика кој и да дојде. Се соочивме, влеговме, влегуваме храбро, укажуваме дека ќе се бориме до последен ден и денеска за жал ние губиме човечки животи, ние губиме работни места, истакна Битиќи вечерва во гостувањето на емисијата „Топ Тема“. Тој нагласи дека падот на економијата во нашата земја во споредба со земјите од регионот и со државите од ЕУ покажува дека сме на средина. -На светско ниво ако ги споредиме кварталите, со сите региони, во регионот, Северна Македонија, ако сакаме да направиме споредба со европските земји и земјите во Европската економска зона (ЕЕЗ) колку е растот од вториот во третиот квартал Северна Македонија е на второ ниво, 17 отсто имаме раст од вториот квартал во третиот квартал, рече Битиќи. Тој посочи дека има даночни олеснувања коишто, како што рече, никој не ги зема во предвид колку се тие на крајот на денот. - Ние донесовме пред три недели автономна мерка како даночно царинско олеснување за сите странски инвеститори и домашни инвеститори за одредени суровини – 31 тип на суровини им се усогласија царинските давачки со тие на ЕУ. Директниот импакт годишен е преку 100 милиони евра. Тоа никој не го разговара. Тоа е секако, ти отстапуваш од одредени средства за одредена цена затоа што тоа не го збориме, затоа што чекаме поврат. Во директните мерки спроведени, ние секојдневно ги гледаме како што законите одат веќе ги рачунаме дека тие ќе се спроведат кај и да е за некој ден, имаме стигнато до 300 милиони евра, наведе Битиќи. Тој потенцираше оти претпоставува дека до крајот на годината тоа ќе се интензивира бидејќи ќе се интензивираат одредени трошоци, одредени програми во ресорните министерства коишто требало да се спроведат и кадешто исплатите ќе дојдат тек на крај, на пример како што биле ваучерите за подобрување на вештини во ИТ, дигиталните вештини во МОН, ваучерите за туризам итн. низа на мерки коишто доаѓаат со исплата на крај на годината. - Секако и денеска да ме прашате и како вицепремиер дали е доволно ќе кажам не е доволно. Да имавме можност ќе додадевме уште 300 други милиони евра, но можноста е таа. Процентуално од БДП и особено од целото функционирање на системот да беше малку поразлично работите ќе беа многу порано направени. Ние имаме законско решение кое што би требало да ослободи над 120 милиони евра кредити за стопанството од новиот механизам со државната гаранција којшто неколку недели е во Собрание и којшто најверојатно, се надевам навистина не заради мене, туку се надевам заради стопанствениците дека ќе биде изгласан наредните денови за да стигнат парите кај стопанствениците. Да беше тоа денеска ќе зборувавме за многу повеќе, рече Битиќи. Силвана Мојсовска, професорка на Економски Факултет во емисијата „Топ Тема“, истакна оти било јасно дека земјата ќе влезе во рецесија. -  Бидејќи за првпат во нашиот животен век после Втората светска војна светот се соочи со нешто вакво кое бараше затворање на економиите јасно беше дека ќе има голем пад на економскиот раст во вториот квартал. Кај нас тој пад е 14,9 проценти. Со отворањето на економијата, со колку толку нормализирањето на животот и давање на препораки за социјално дистанцирање, носење на маски итн. сегашниот пад во третиот квартал е 3,3 отсто, рече Мојсовска. Таа потенцираше дека е многу е важно да се гледа каде е падот. -  Ако се воопшти оваа бројка кога ја споредуваме со бројки од други држави не изгледа толку многу страшно. И догодина во вториот квартал 2021 година ние ќе имаме многу убав раст, се надеваме дека ќе има КОВИД вакцина и дека работите ќе се нормализираат. Така што до година тоа не треба да се бележи како успех туку треба да се знае зошто настанало..., наведе Мојсовска. На новинарското прашање околу изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека одбиле неформална покана да бидеме дел од ЕЕЗ, Мојсовска образложи дека во 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација и оти нашата земја покажува дека има интенција за полноправно членство во ЕУ. - И од тој аспект други варијации и јас би кажала дека не треба да доаѓаат во предвид. ЕЕЗ претставува договор помеѓу ЕУ и три други држави, тоа се Исланд, Норвешка и Лихтенштајн и подразбира интегрирање на овие држави во единствениот пазар на ЕУ со почитување на четирите слободи на движење – стоки, услуги, капитал и труд, односно луѓе. Швајцарија, пак, која е во ЕФТА  не е дел од оваа зона. Со тоа што овие држави немаат, ниту даваат придонес во буџетот на ЕУ, ниту пак користат погодности од структурните фондови. Апсолутно тоа не е нешто што би одговарало на нашиот стремеж за членство во Унијата и на оние погодности кои Унијата ги нуди кон државите, истакна Мојсовска. Таа нагласи дека  процесот е сега во извесен вакуум повторно, меѓутоа европската агенда не смее да застане во земјата. Вицепремиерот Битиќи во гостувањето на Телма не одговори директно дали  поранешниот вицпремиер Владимир Пешевски и екс министерот за финансии Кирил Миновски од претходната владејачка гарнитура се дел од неформалната платформа „За татковината со љубов“. На прашање дали тие се дел од платформата, тој одговори дека секој што ја сака татковината е дел од тимот. -Можам да кажам дека и тие двајца си ја сакаат татковината, рече вицепремиерот Битиќи. см/дма/

Остани поврзан