• среда, 25 декември 2024

Битиќи: Ниту еден градоначалник не алоцираше дополнителни средства за справување со енергетската криза

Битиќи: Ниту еден градоначалник не алоцираше дополнителни средства за справување со енергетската криза
Скопје, 14 февруари 2022 (МИА) - Ниту еден градоначалник не направи еден денар алокација на дополнителни финансиски средства за справување со енергетската криза. Сите донесоа буџет како ништо да не се случува, а кризата веќе ја имавме на врата, рече вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Во дебата со скопската градоначалничка Данела Арсовска на „24 анализа“, Битиќи не ја исклучи можноста дека Владата ќе им помогне на општините околу сметките за струја, но во овој контекст го отвори прашањето - каква е улогата на локалните самоуправи ако сé паѓа на товар на централната власт, додека државата е веќе во фаза на функционална децентрализација. Според вицепремиерот, ЗЕЛС воопшто немаше поднесено барање до Владата во однос на енергетската криза, а барањата од општините поединечно се разгледуваат и се прави анализа - какви финансиски импликации ќе имаат врз буџетот. -Не се согласувам дека не помагаме, ниту дека градоначалниците немаа можност навреме да  интервенираат. Сите градоначалници, до еден, ги добија мандатите пред да се усвојат буџетите за 2022 година. Ниту еден градоначалник не направи еден денар алокација на дополнителни финансиски средства за справување со енергетската криза. Сите донесоа буџет како ништо да не се случува, а кризата веќе ја имавме на врата. Дури, како ништо да не се случува во нивниот еко систем им раскинуваа договори и остануваа на крајниот снабдувач, а крајниот снабдувач е берзанска цена плус 50 отсто повисока цена иако можат веднаш да објават нов тендер и да побараат нови снабдувачи на електрична енергија за да ја добијат барем по берзанска цена плус одредена маржа која не оди повеќе од 10 отсто. Но, повеќето градоначалници продолжуваат да си бидат на крајниот снабдувач како ништо да не се случува, подвлече Битиќи. Тој потсети дека во овој момент градинките кои се под ингеренции на локалната самоуправа, плаќаат субвенционирана цена за струјата од страна на државата. - Ако цената на 1 јануари требаше да се зголеми за 80 отсто, таа се зголеми за 9,8 проценти, а тоа значи дека разликата во поскапувањето ја плаќа Владата, државата. Остануваат училиштата, основни и средни, како и јавното осветлување. Повеќето градоначлници, за жал, плаќаат најмалку 50 отсто пониски фактури за јавно осветлување зашто нивните претходници инвестирале во ефикасно, штедливо осветлување. Скопје сега плаќа 70 отсто пониска фактура за електрична енергија од вообичаено, зашто лани инвестираше во тоа, рече Битиќи. Вицепремиерот дополни и дека Град Скопје одби, но Владата одвои средства за парно на скопјани. -Ние имавме неколку разговори кои ги водеше Министерството за економија и на крај рековме градот Скопје нека одвои 500.000 евра од својот буџет за да осигура топлинска енергија за 45.000 домаќинства, Градот Скопје рече не сме ние надлежни. Осигурувањето на јавната услуга топлинска енергија е дел од законот за комунални услуги и дел од надлежностите на единиците на локална самоуправа и како таква таа подлежи под надлежностите и одговорностите на едниците на локалната самоуправа, нагласи Битиќи. Во оваа прилика, вицепремиерот укажа и дека општините немаат собрано повеќе од 47 отсто данок на имот од граѓаните, како и дека по таа основа губат големи средства. Кажа дека и тој лично се уште добива решение за данок за стара квадратура по што вети дека лично ќе се заложи, општините да ги добијат потребните податоци од Агенцијата за катастар. Градоначалничката на Скопје, Арсовска напомена дека помош барале, но не добиле се уште. -Буџетите се задолжени за три генерации. Каде и да скратиме, ќе погрешиме. Треба да се реагира со одредени мерки. Што да ребалансираме, од кој буџет, од милионските долгови? Не можете да им дадете на општините ситно, а да очекувате големи проекти, рече Арсовска и порача да не се политизираат ваквите прашања. Според неа, ЗЕЛС ги прави пресметките, но смета дека освен на општините, за сметките за струја треба да им се помогне и на јавните претпријатија. мч/цр/

Остани поврзан