• четврток, 26 декември 2024

Битиќи: Клучните причини за миграцијата доаѓаат од недовербата во институциите

Битиќи: Клучните причини за миграцијата доаѓаат од недовербата во институциите
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - Од 2011 до 2019 година од нашата држава се одлеале 700 илјади наши сограѓани или скоро секој четврти заминал од државата. Иако тој тренд се намалил во ковид периодот, за жал, тоа претставува сериозен проблем, не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политиките туку за целото општество, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи Петте клучни причини за ваквиот тренд, според него, доаѓаат од недовербата во институциите. Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонел да дојде до ова. - Најверојатно на креирање на политиките ќе мораме како општество да отвориме дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од тоа што сме се однесувале досега, изјави вицепремиерот Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“. Додаде дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина се уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот. - Конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мораме да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку што може да придонесе, а тоа значи реквалификација, преквалификација, менување на навиките за работа, истакна Битиќи. Според него, работа има, барање за работна сила има, но погрешните политики 30 години не дале резултат т.е. произведувале работна сила којашто не одговарало на пазарот на трудот. Дополнително загрижувачки од денешниот извештај е тоа што процентот на тие коишто сега имигрираат за разлика од тие што имигрирале пред 20 или 25 години е со пообразовна структура, значи со високо образование наместо, како што било пред 25 или 30 години, каде што тие што имигрирале биле со пониско образование. - Ова навистина е загрижувачки.. Треба да видиме како активно да ги вклучиме, не велам да ги вратиме, да ги вклучиме за да ја креираме иднината на нашите млади генерации, подвлече Битиќи. На прашањето како се планира да се прави преквалификација, доквалификација на луѓето коишто недостасуваат, Битиќи одговори дека Агенцијата за вработување преку активните мерки за вработување и обуките што ги нуди ќе треба да ги понуди таму каде што навистина има недостаток на работна сила. - Овде сме доволно вклучени во сегментот на дуално образование затоа што новата генерација којашто доаѓа на пазарот на трудот треба да ги има вештините коишто се бараат и јас сум навистина радосен што и приватниот сектор и странските донатори како и Владата прави доволно мерки за вклучување на младите во стручното образование и тоа ќе ја направи разликата, објасни вицепремиерот. Додаде дека штетата што е направена не можеме да очекуваме да се поправи за еден ден или за една година туку дека треба период од неколку години, и потенцираше дека треба да сфатиме дека увозот на луѓе за работна сила која што ни недостига е еминентен. - Ако во Германија има недостаток на работна сила и нашите одат во Германија, треба да сфатиме дека и ние сме привлечна земја за одредени други земји коишто би дошле и секако би работеле затоа што платите коишто се плаќаат кај нас можеби се поконкурентни од земјите од каде што доаѓаат, посочи Битиќи, со примери на сериозниот број работници коишто доаѓаат од Турција да работат во нашата држава, како и тие што доаѓаат од Индија и Пакистан да работат во ИТ секторот. Нагласи дека мораме да сфатиме дека миграцијата е глобален феномен, и дека според податоците на ОЕЦД овој феномен се случува и во Германија, и во Норвешка, како и во Америка, затоа што, како што рече, после ковид имаме целосна промена на навиките и на работните места и затоа има големо движење на миграција на глобално ниво. Во однос на фактот дека кај нас главниот проблем е недовербата во системот, недовербата во политиките, континуирано не само кон оваа, Битиќи посочи дека затоа заминуваат високо образовани луѓе, луѓето коишто немаат доверба во системот, но тоа е креирано во низа на години во овие 30 години. - Не можете да креирате доверба во институциите за две, три или за пет години, кога константно 30 години е нарушен. Ако ги видите петте клучни причини, тие се причините коишто доаѓаат од недовербата во институциите. Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонел да дојде до ова, појасни вицепремиерот Битиќи. Тој ги повика младите да се креира заедничка визија за новата иднина, заедно и со тие што отишле ама можат да придонесат, затоа што, како што кажа, тие знаат во каква земја би сакале да останат. сх/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан