• среда, 25 декември 2024

Битиќи: Интерконекторот со Грција можност да станеме регионален центар за снабдување со гас во Југоисточна Европа

Битиќи: Интерконекторот со Грција можност да станеме регионален центар за снабдување со гас во Југоисточна Европа
Солун, 10 септември 2021 (МИА) – Изградбата на интерконекторот со Грција ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, истакна заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи за време на неговото учество на панел дискусија на енергетскиот форум за Југоисточна Европа, што денеска се одржа во Солун, јави дописничката на МИА од Атина. На маргините на „Southeast Europe Energy Forum 2021“ организиран од Американско- грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија, националните преносни компании за гас во Северна Македонија и Грција НЕР и ДЕСФА потпишаа договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, а Битиќи истакна дека „овој договор ги дефинирани условите за соработка и временската рамка за изградбата“. -Тоа е еден од нашите клучни проекти. Изградбата на овој интерконектор ќе отвори можности за двете земји, но не само за нив. Ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа и очигледно, за нашата национална економија ќе значи диверзифицирани eизвори на енергија и поттикнување на конкурентноста, рече Битиќи и додаде дека се планираат интерконектори и со другите соседни земји, како што се Косово, Србија и Албанија. Истакна дека на овој начин се покажува дека „инвестирањето во побезбедно, конкурентно, поевтино и поеколошко снабдување со енергија ќе значи инвестирање во нашата иднина“. -Како земја свесна за ова, ние сме целосно посветени и убедени дека целите поставени во ревидираните национални придонеси, што неодамна беа усвоени, ќе бидат целосно исполнети како што беше планирано во сите сектори, додаде вицепремиерот. За време на неговото излагање се осврна и на другиот проект со Грција, односно потпишаниот договор за соработка за изградба на гасниот терминал во Александруполи, каде Северна Македонија ќе поседува 10 отсто од акциите на терминалот и дека со 25 проценти, учествуваме во изградбата на гасната централа во близина на грчкиот град. -Докажавме дека е можно да се соработува, дека не постои непремостлива пречка и дека преку дијалог, меѓусебно почитување, разбирање и соработка секој предизвик може да се реши, а овие стратешки проекти кои се важни за целиот регион и се поддржани од нашите партнери ЕУ и НАТО, се доказ за тоа, истакна Битиќи. Рече дека веќе постои согласност во првиот квартал на 2022 година да биде воспоставен нафтоводот помеѓу Солун и Скопје со кој управува „Хеленик Петролеум“, што е „дополнителен заеднички напор кој го покажува визионерскиот пристап на Северна Македонија и Република Грција каде геополитичките позиции се користат мудро за зголемување на конкурентноста и економската благосостојба на граѓаните во двете земји“. Говорејќи за енергетските политики во Северна Македонија истакна дека новиот закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување. Посочи дека за овие активности „Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност“, бидејќи, како што рече, сме првата земја на Западен Балкан што го стори сето тоа. Објасни дека Владата го усвои Интервентниот план за инвестиции, со кој во еден среднорочен период, до 2027 година е предвидена реализација на инвестиции во вредност од 8,2 милијарди евра. -Во вкупните инвестиции, најголем обем, зафаќаат токму проекти од енергетиката, предвидени на ниво од 3,1 милијарди евра, со што го докажуваме нашиот фокус за транзиција кон зелена енергија, а понатаму следуваат 2,7 милијарди евра за патна и железничка инфраструктура, уште еден доказ дека сме посветени на градење на врски со соседите и овозможување на услови за поголема конкурентност и на Северна Македонија, но и на целиот регион на Западен Балкан, објасни вицепремиерот. ср/рп/

Остани поврзан