• петок, 27 декември 2024

Битиќи: Законите за стратешки инвестиции повлечени па пак поднесени за да се елиминираат сите недоумици

Битиќи:  Законите за стратешки инвестиции повлечени па пак поднесени за да се елиминираат сите недоумици

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) -  Предлог-законите за четирите стратешки инвестиции од областа на енергетиката, вчера се повлечени на седница на Влада  повторно поднесени за да се елиминираат сите недоумици, веќе се во Собранието, со интервенции во договорите и со избришани членови во два од законите по укажувања од институциите, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

Тој посочи дека Комисијата за заштита на конкуренција има дадено мислење по основ на сите договори на 7 февруари, но нагласи, „тоа некој не сакал да го види и за да нема такви недоумици ги повлековме законите“.

Вчера, рече Битиќи, не се случи ништо надвор од процедури коишто се случуваат. За жал, јас сум кажал дека во нашата кревка држава се случува некогаш заради икс причини одреден документ, одредено мислење од институциите да не се појави во системот и одредени институција не може да го видат.

- Во јавноста меѓу кои и вие како новинари укажувавте дека немало мислење на Комисијата за заштита на конкурентност, па немало мислење на Државното правобранителство. За да ги елиминирам сите овие недоумици беа повлечени законите. Во системот се сите мислења со датуми многу поодамна, од Државно правобранителство со позитивно мислење од 23 јануари, некаде 20-ина дена пред да бидат првично испратени законите во Собрание, но некој не сакал да ги види или не требало да се видат. Комисијата за заштита на конкуренција има дадено мислење по основ на сите договори на 7 февруари и тоа некој не сакал да го види и за да нема такви недоумици ги повлековме законите. Во меѓувреме, ги видовме мислењата коишто се дадени дали имаат одредени укажувања, направени се одредени интервенции во самите договори и во два од законите избришани се одредени членови коишто во овој момент Комисијата за заштита на конкурентност имаше одредени укажувања, изјави Битиќи на новинарско прашање. 

Како што информира, има интервенции за инвестиците на Мителенеос, Аим греен и кај сите четири договори кои заради транспарентност се дадени на увид во Собрание.

- Ништо не криеме од јавноста, ништо не криеме од кој било во јавноста и затоа иако законски немаме обврска да бидат составен дел на законите коишто ќе бидат усвоени во Собрание, инсистирав договорите да бидат дел од расправата, рече Битиќи. 

Според него, сите мислења се позитивни, некои имаат укажување и е интервенирано и во законот и во договорите.  

Во Собранието по скратена постапка се доставени Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, Предлог законот за реализација на Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ и Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа - Пехчево. лв/ев/

Остани поврзан