• недела, 24 ноември 2024

Битиќи: Големи се перспективите на белгиско-македонските економски и инвестициски односи

Битиќи: Големи се перспективите на белгиско-македонските економски и инвестициски односи

Скопје, 13 јуни 2023 (МИА) - Можностите за продлабочување на економските и трговските односи со Белгија беа тема на разговор на денешната средба на вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со амбасадорот на Кралството Белгија во земјава, со седиште во Софија, Фредерик Мерис.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Мерис, информираат од владината прес-служба, потенцираа дека економската соработка помеѓу двете земји е на солидно ниво и изразија очекување дека трговскиот биланс ќе продолжи со позитивни стапки на раст.

На средбата, како што додаваат, белгискиот Амбасадор, Мерис, го информираше вицепремиерот Битиќи за интересот на бизнисите поврзани со Белгија кои работат во земјава, вклучувајќи ги и компаниите основани во Белгија со силни врски со Северна Македонија да го официјализираат нивното присуство и активности во земјата во рамките на формирање на еден бизнис клуб/форум Белгија-Северна Македонија, кој несомнено ќе влијае за уште поголемо присуство на белгиски компании во земјата.

Вицепремиерот Битиќи од негова страна, рече дека перспективите на белгиско-македонските економски, трговски и инвестициски односи се големи, при што го информираше белгискиот Амбасадор за можностите кои ги нуди нашата држава за странските инвеститори.

Битиќи, се вели во соопштението, рече дека земјата минатата година ги хармонизираше царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали за индустриско производство со тие на ЕУ, со што на странските компании им се изедначуваат условите за работа со оние кои ги имаат дома, но истовремено го информираше амбасадорот Мерис и за воведувањето на дигиталниот асистент АДА, кој на странските инвеститори ќе им одговори на прашања поврзани со условите за инвестирање и начинот на добивање државна помош.вј/аа/

  Фото: Влада

Остани поврзан