• петок, 27 декември 2024

Битиќи: Вработените во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати

Битиќи: Вработените во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати

Битола, 7 јули 2023 (МИА) - Сите вработени во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати со зголемена продуктивност и ефикасност на нивните работни места, изјави вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

За време на денешната посета на битолската фабрика Цермат, вицепремиерот Битиќи посочи дека очекува наредната недела да биде постигнат договор за општиот колективен договор.

-Со синдикатите разговараме и јас не сакам да лицитирам со проценти се додека преговараме. Јас останувам на ставот дека сите вработени во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати со зголемена продуктивност и ефикасност на нивните работни места. Вработените во јавниот сектор заслужуваат достоинствени плати. Преку дијалогот секако дека ќе добијат одредено зголемување кое што го преговараме. Ќе добијат нова методологија за плати, една засекогаш за да никогаш нема преговори и уцени без разлика на оваа или друга власт што ќе дојде и нормално, најверојатно ќе постигнеме согласност за исплата на К-15 и тоа да биде дел од општиот колективен договор. Моето очекување е дека наредната недела треба да имаме договор за општиот колективен договор со сите дефинирани моменти и понатму тоа да биде поттик за секој еден во јавниот сектор да биде во служба на граѓаните, како и приватните компании кои го генерираат развојот на нашата земја, изјави вицепремиерот Битиќи.

На новинарско прашање во врска со повлечениот пакет закони поврзани со даночните реформи, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, одговори дека владата ќе изврши дополнителни консултации и сака законите да бидат изгласани во Собранието.

-Во Собранието има една ситуација која што не следи 4 години, а тоа е блокирање на Собранието. Овие закони неколку месеци се блокирани во собраниските процедури и затоа одлучивме да ги повлечеме, да поразговараме со сите чинители и стоиме на ставот дека тие треба да поминат. За жал во Собранието како највисок законодавен орган нема слух за да законите бидат донесени. Секоја понатамошна одлука на Владата понатаму ќе биде одговор за неразумното однесување. Така направивме со законите за Бехтел кои ги пуштивме со европско знаме затоа што граѓаните немаат време да чекаат, како што на пример граѓаните во пелагонискиот регион со децении чекаат на пример за автопат или други проекти кои младите ги бараат, нагласи вицепремиерот Битиќи.

За зачестената појава на користење на неплатен одмор во организациите заради работа во странство, вицепремиерот Битиќи кусо коментираше дека фактот дека може да добијат неплатен одмор значи дека нивните работни места не се потребни. мт/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан