Битиќи: Секој што ќе инвестира, ќе биде поддржан
- Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Битола потпиша нов договор за државна помош со „Кромберг и Шуберт“ која е според Законот за финансиска
Битола, 19 октомври 2022 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Битола потпиша нов договор за државна помош со „Кромберг и Шуберт“ која е според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Во изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи истакна дека станува збор за трет договор кој го потпишуваат со „Кромберг и Шуберт“ и како што рече производствените капацитети на инвестициите и бројот на вработени во оваа компанија во нашата земја продолжува да расте.
-Денешната дата всушност се поклопува со многу добар датум, а тоа е датата на отворање на оваа фабрика овде пред 10-ина години во индустриската зона „Жабени“ која денеска брои над 5.300 вработени. Новата инвестиција за која денеска го потпишавме договорот за финансиска поддршка е во вредност од 25 милиони 760 илјади евра и ќе креира нови 1.230 вработувања во следните три години, и предвидува проширување не само на постојните и отворање на нови производни линии со кои ќе се произведуваат делови за „ауди 4“, новиот модел „ауди А6“, рече Битиќи.
Според вицепремиерот, компанијата „Кромберг и Шуберт“ има исклучителна важност за развојот на пелагонискиот регион.
-Во последните години направивме значителни законски измени со цел развој на сите региони во нашата земја, а една од нив е измената која ја направивме во Законот за финансиска поддршка на инвестиции компаниите кои вложуваат во помалку развиените региони процентуално да добиваат поголема финансиска поддршка. Ова е примерот како „Кромберг и Шуберт“ ја добива таа поддршка, а поддршката за компаниите расте особено е значајна што и во време на криза тие продолжуваат да инвестираат и соодветно да растат. Само оваа година преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции потпишавме нови 277 договори со компании за инвестициски циклуси во следните години, односно 277 договори ќе направат инвестициски циклус од 140 милиони евра, а вкупно од сите компании 95 отсто од нив се домашни компании, нагласи министерот Битиќи и додаде дека целото портфолио на компании кои ги поддржуваме во нивниот развој е над 550 компании, со активни договори коишто Владата ги поддржува.
На прес - конференцијата во Битола, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи потсети дека со неговото доаѓање на позицијата што ја извршува, во 2020 година за првпат и покрај КОВИД кризата имавме 100 отсто исплата на државната помош кон нашите компании. - Со тоа се потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да продолжиме да ги поддржуваме. Секој којшто ќе инвестира ќе биде поддржан, додаде Битиќи. мт/дма/