• среда, 25 декември 2024

Бисти на двајца народни херои поставени во дворот на Меморијалниот музеј на Комунистичката партија во Тетово

Бисти на двајца народни херои поставени во дворот на Меморијалниот музеј на Комунистичката партија во Тетово

Тетово, 18 март 2024 (МИА) - Бисти на двајцата народни херои од Народноослободителната борба Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан се поставени во дворот на Меморијалниот музеј на Комунистичката партија во населбата Два Бреста во Тетово, информираат од Националната установа Музеј на тетовски крај, која раководи со меморијалниот комплекс.

Станува збор за бисти кои до 2005 година беа на градскиот плоштад во Тетово, но потоа беа отстранети при реконструкција. Сојузот на борци досега неуспешно бараше општината да ги врати бистите на градскиот плоштад. Сега по договорот со Музејот на тетовски крај одлучено е да се постават во Меморијалниот музеј во населбата Два бреста каде на 19 март 1943 година е формиран Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија во тогашната куќа на семејстовото Јовановци.

Од Музејот на тетовски крај велат дека нивниот Управен одбор одобрил поставување на бистите во дворот на спомен куќата на ЦК КПМ во населбата Два Бреста. Засега изграден е постамент на кој се ставени бистите, а треба да се работи и на уредување на споменикот.

- Бистите се времено поставени во дворот на Музеј на тетовски крај со цел непречено оддавање на почит сè додека не се исполнат услови за нивно враќање на градскиот плоштад од каде противзаконски беа отстранети, информираат од Општинската организација на Сојуз на борци-Тетово.

Народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан биле припадници на Третиот тетовски одред и загинале во битката кај мавровското село Беличица на 19 септември 1944 година. Тодор Ципоски-Мерџан бил роден 1920 година, а за народен херој бил прогласен во 1951 година. Ѓоце Стојчевски-Амбарче кој бил загинал на 25 години, за народен херој бил прогласен 1953 година. За народни херои биле прогласени во 1951 и 1953 година, а бистите на плоштадот во Тетово биле поставени во 1970 година. Спомен биста на Ѓоце Стојчевски-Амбарче има во паркот „Стара библиотека“, а на Тодор Ципоски-Мерџан во кругот на текстилната фабрика Тетекс.

Во борбата со балистите, бранејќи го селото Беличица загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По завршетокот на борбата со партизаните, балистите убиле 17 жени, деца и старци од селото, а потоа го запалиле до темел целото село. Биле заробиле и четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември.

Бистите беа отстранети при реконструкцијата на градскиот плоштад кога градоначалник на Тетово од 2005 до 2009 беше Хазби Лика од ДУИ. ас/дма/


Фото: Музеј на тетовски крај 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан