• недела, 24 ноември 2024

Бисли од ВФП: Само два отсто од богатството на Илон Маск може да го реши гладот ​​во светот

Бисли од ВФП: Само два отсто од богатството на Илон Маск може да го реши гладот ​​во светот
Вашингтон, 27 октомври 2021 (МИА) - Мала група исклучително богати поединци може да помогне во справувањето со гладот ​​во светот само со мал дел од нивното богатство, вели директорот на Светската програма за храна при Обединетите Нации (ВФП), Дејвид Бисли. - Ни требаат шест милијарди долари за помош на 42 милионa луѓе кои буквално ќе умрат ако не им помогнеме. Не е комплицирано! ...Милијардерите треба да дојдат на помош веќе еднаш засекогаш, изјави Бисли за Си-Ен-Ен, наведувајќи ги двајцата најбогати луѓе во светот - Џеф Безос и Илон Маск. Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск поседува богатство вредно 289 милијарди долари, според „Блумберг“, што значи дека со само два отсто од својот имот, според наводите, може да го реши проблемот. Богатството на американските милијардери е речиси двојно зголемено од почетокот на пандемијата и сега изнесува 5,04 трилиони. - „Совршената бура“, комбинација од неколку кризи, како климатските промени и пандемијата на Ковид-19, значи дека многу нации „гладни тропаат на вратата“, рече Бисли. Половина од населението на Авганистан, на пр., односно 22,8 милиони луѓе, се соочуваат со сериозна криза со глад, според извештај на ВФП објавен завчера. Огромната невработеност и неликвидноста значат дека земјата е на работ на хуманитарна криза и 3,2 милиони деца на возраст под пет години се загрозени, се заклучува во извештајот. Серијата нови извештаи од администрацијата на Бајден нагласуваат строго предупредување - влијанијата од климатските промени ќе бидат сеопфатни и ќе претставуваат проблем за секоја држава во светот. Според наводите, климатските промени ја поттикнуваат миграцијата, што е првпат властите во САД официјално да ја признаат врската меѓу климата и преселувањето. ВФП предупредуваше на овој тренд во минатото, особено за тн. „Сув коридор“ во Средна Америка.  си/сд/

Остани поврзан