• среда, 18 декември 2024

Бислимоски: РКЕ во наредните пет години ќе ги контролира пресметките за цената на струјата што ќе ги прави Универзалниот снабдувач

Бислимоски: РКЕ во наредните пет години ќе ги контролира пресметките за цената на струјата што ќе ги прави Универзалниот снабдувач

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) – Согласно последните измени на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар „ЕВН Хоум“ има обврска да ја пресмета цената на електричната енергија што ќе важи од 1 јануари идната година на регулираниот пазар по истиот тарифен систем по кој досега ја пресметуваше Регулаторната комисија за енергетика РКЕ.

Тие пресметки, како што појасни претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, потоа универзалниот снабдувач ги доставува до РКЕ, а доколку регулаторот има забелешки во однос на примената на тарифниот систем и начинот на кој што се извршени пресметките, носи посебна одлука и таа ја доставува до универзалниот снабдувач кој е обврзан да ја примени.

- Крајните цени, наместо РКЕ, во „Службен весник“ ќе ги објави универзалниот снабдувач“. Тоа е концепт којшто е усогласен со европското законодавство и за првпат ќе го применуваме во Македонија. Концепциски, РКЕ досега ја носеше конечната одлука, а сега има еден чекор помеѓу, а тоа е проверка што доставил универзалниот снабдувач кој е обврзан да ги објави цените на блоковите за домаќинствата и за малите потрошувачи, рече Бислимоски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Нагласи дека РКЕ најмалку пет години ќе ја прави проверката, како меѓучекор кон целосна либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи и додаде дека тоа е гаранција дека нема да има ценовни шокови за граѓаните. Во меѓувреме, РКЕ и понатаму ќе ги носи одлуките за мрежарина и за пренос на електрична енергија на регулираниот пазар.

Потврди дена нема да има промена на четирите блок тарифи и додаде дека првиот блок и натаму ќе биде од 0 до 210 киловат часови, вториот од 210 до 630, третиот од 630 до 1.050 и четвртиот над 1.050 киловат часови.

-Имавме средба со ММФ. Имаа барања да се намалат блоковите, да се намали за 10 до 15 отсто првиот блок и за одреден процент вториот за да има што е можно повеќе потрошувачка во третиот и четвртиот блок. Им објаснив дека проблемот е математички и дека доколку ги намалиме блоковите тогаш Универзалниот снабдувач ќе обезбеди повеќе пари кои нема да може да ги земе и ќе мора да ги врати назад и со тоа нема да има никаков ефект врз цената. Затоа нема повеќе забелешки и нема да има промена на блоковите, прецизира Бислимоски.

Лиценцата на постојниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“ истекува на 30 јуни следната година. Како што најави Бислимоски, се очекува наскоро Владата да објави тендер за избор на нов универзален снабдувач и тој да биде избран некаде до крајот на март. вј/бак/

Фото: Принтскирн

Остани поврзан