• четврток, 26 декември 2024

Бислимоски: Непланиран увоз на струја од 30 милиони евра поради недозволени миграции од слободен на регулиран пазар

Бислимоски: Непланиран увоз на струја од 30 милиони евра поради недозволени миграции од слободен на регулиран пазар
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Поради трендот на преминување од слободниот на регулираниот пазар на електрична енергија, кој прво започна со општините, заклучно со 30 јуни годинава беше направен непланиран увоз на струја од 30 милиони евра, посочи денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. -До 30 јуни заради овој тренд беше направен непланиран увоз на електрична енергија од 30 милиони евра. Започнувајќи од 1 јули до сега, до почеток на ноември, не е направен никаков увоз, изјави Бислимоски во гостување на Блумберг адриа. Овие количини на електрична енергија, како што кажа, наместо ЕСМ да ги пласира на регулираниот пазар по цена од 48 евра за мегават час, ги произведувал за да ја задоволи потребата на овие општинските претпријатија и останатите компании кои први почнаа со трендот на миграција од слободен на регулиран пазар. -Оваа количина на електрична енергија ЕСМ можел да ја продава и на слободниот пазар по многу повисоки цени. Добро е што овој тренд ќе престане со тоа што ќе се донесе посебна одлука и секој ќе си биде на делот од пазарот каде што реално треба да биде, потенцира Бислимоски. Потсети дека најголем дел од општините во државава за да ги намалат своите трошоци за јавно осветлување, формираа помали фирми кои се занимаваат со јавното осветлување, а потоа тоа се продолжи и кај компании во државата. -Овој тренд РКЕ го детектира во март и април 2022 и за тоа ги информираше соодветните институции. Поради тоа се преземени одредени активности и според информациите кои ги имам Владата согласно Уредбата за кризна состојба во електроенергетскиот сектор ќе донесе одлука со која на сите овие потрошувачи им наложува од 1 јануари да се вратат на слободниот пазар на електрична енергија, додаде тој. -За жал имавме таква ситуација која прво ја поттикнаа општините во државата и тој тренд продолжи. Од аспект на цена се уште ги чекаме податоците па ќе можеме да кажеме поконкретно, рече Бислимоски. вј/ац/

Остани поврзан