• петок, 27 декември 2024

Бислимоски за МИА: Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати по случувањата со Иран и Израел

Бислимоски за МИА: Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати по случувањата со Иран и Израел

Атина, 17 април 2024 (МИА) – Ситуацијата на Блискиот Исток и последиците врз цените на нафтата, беше главната тема на денешниот состанок на Бордот на регулатори на Енергетска заедница, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски за МИА од Атина вели дека не е исклучен „ефект кон цените на нафтените деривати“. 

-Новите геостратешки случувања на Блискиот Исток потврдуваат дека нема предвидливост ниту пак извесност кога цените на енергенсите се во прашања. Очекувавме дека ова ќе биде конечно мирен енергетски регулаторен состанок, но едно е сигурно дека „вонредната состојба” е ново нормално за сите енергенси. Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати сега по случувањата со Иран и Израел. Разговаравме и за тоа каква е положбата на земјите од кои доаѓаат регулаторите во Енергетската Заедница. Сите сме увозно зависни земји на нафта, освен Србија што има мал обем на производство. Освен во секојдневното живеење, овој енергенс е тесно врзан и со стопанството и економијата воопшто како составен дел од функционирањето, вели Бислимоски за МИА.

Дополнително истакнува дека внимателно и во согласност со одлуките од ОПЕК и насоките од големите земји произведувачи на нафта ќе се преземаат чекори за да се амортизира евентуален ценовен удар.

-Паралелно сите се соочуваме со сајбер напади на енергетската критична инфраструктура. Потребно е да се зајакне овој сегмент, затоа што последиците можат да го „узрпираат” функционирањето на електроенергетскиот систем, додава претседателот на РЕК.

На денешниот состанок Бордот на регулатори на Енергетска заедница ќе одбере нов претседател на Бордот, со оглед на тоа дека Бислимоски во декември го заврши вториот мандат.

Новиот претседател требаше да биде избран на минатиот состанок на регулаторите во декември, но ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство, со што  мандатот на Бислимоски му се продолжи уште шест месеци.

Претседателот на РКЕ во декември 2019 година едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, две години подоцна, во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат. 

Двата мандати во Енергетската заедница беа во период на неколку последователни кризи.

Состаноците на енергетската заедница традиционално се одржуваат во Атина, освен Северна Македонија, земји-членки се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија. ср/нд/

Остани поврзан