• недела, 24 ноември 2024

Бислимовски: Работиме на продолжување на евтината тарифа на струјата за уште еден час

Бислимовски: Работиме на продолжување на евтината тарифа на струјата за уште еден час

Скопје, 26 мај 2024 (МИА) - Домаќинствата летово може да добијат поевтина струја и плус уште еден час евтина тарифа, најавува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ), Марко Бислимовски, посочувајќи дека причина за тоа е континуираниот инвестициски бум во фотоволтаични централи, кој влијае врз значително намалување на увозот на струја.

Тој вели дека сега треба да се направи анализа за да се покаже дали постои можност евтината тарифа на струјата да се продолжи за еден час, односно до 16 часот.

-   Зголемувањето на евтината тарифа го правиме за да се искористи евтината цена на електричната енергија во тие периоди. Исто тако, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСМ и до ЕВН Хоум, да купуваат електрична енергија во тие периоди, особено ЕВН Хоум, ние ќе обезбедиме и пониска цена на електрична енергија која сосема е возможно да ни обезбеди и намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, вели Бислимовски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Моментално евтината тарифа на струјата е од 13 до 15 часот. Регулаторната комисија треба да ја одобри новата цена на струјата на крајот на јуни и тогаш ќе се знае дали и колку ќе се намали цената на струјата. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан