• понеделник, 11 ноември 2024

Бислими до Стано: Обидот да се одржат српски избори во Косово без претходно барање не е во духот на дијалогот

Бислими до Стано: Обидот да се одржат српски избори во Косово без претходно барање не е во духот на дијалогот

Приштина, 1 декември 2023 (МИА) – Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими ги отфрли како некоректни критиките на портпаролот на Европската унија, Петер Стано на сметка  на  косовските власти поради недозволувањето на гласање на избори на Србија на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Стано деновиве изјави дека е „за жалење што воспоставената практика да им се дозволи на косовските Срби да гласаат во Косово за српските парламентарни избори со олеснување на ОБСЕ повторно не беше дозволена од косовските власти“. Според Стано, таквата одлука на официјална Приштина не е во согласност со духот на дијалогот.

Бислими на платформата „Х“, поранешен Твитер, му порача на портпаролот на ЕУ дека токму обидот да се организираат избори на друга држава во Косово без претходно барање не е во духот на дијалогот.

Косовскиот вицепремиер го повтори ставот на Владата на Албин Курти дека, сé додека нема директно официјално барање од Белград, не може да има одлука за одржување на српски избори во Косово.

„Во нашата држава годинава нема планирани избори. Доколку властите на другите земји претпочитаат да организираат избори на Косово за својата дијаспора, тогаш тие треба официјално да побараат од нашите власти позитивна одлука и поддршка. Обидот за организирање избори без претходно барање или позитивна одлука не е во духот на дијалогот и не придонесува за градење доверба. Сé додека нема директно официјално барање, не може да има тква одлука. Господинот Стано верувам дека го знае ова“, напиша Бислими.

Парламентарните избори во Србија се закажани за 17 декември оваа година.

Во минатото, по прогласувањето на косовската независност во 2008 годинса, со асистенција на меѓународната заедница, им се овозможуваше на косовските Срби да гласаат на избирачките процеси во Србија, меѓутоа таа пракса се прекина од доаѓањето на власт на Курти во февруари 2021 година.

Косовските Срби, од тогаш, немаа можност на косовска територија да гласаат за српскиот референдум во јануари 2022 година и за вонредните избори во април истата година, затоа што Курти постави услов Белград да достави официјално барање за такво нешто до Република Косово. Белград ги одби таквите барања и за гласање на косовските Срби организира превоз до гласачки места во Србија во близина на границата со Косово. иа/сд/

Остани поврзан