• среда, 25 декември 2024

Бислими: Во Брисел не разговараме за Заедницата на српски општини без да се потпишат договорите

Бислими: Во Брисел не разговараме за Заедницата на српски општини без да се потпишат договорите

Приштина, 16 ноември 2023 (МИА) – Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека на денешната средба со посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак не разговарале за нацртот на статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство, затоа што, како што рече, позицијата на Косово е јасно изразена уште на 26 октомври од премиерот Албин Курти на средбата со европските лидери во Париз.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бислими и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, имаа денеска во Брисел одделни средби со Лајчак, по што косовскиот вицепремиер порача дека без потпишување на трите претходно постигнати договори меѓу двете држави нема да започне работата на формирањето на Заедницата на српски општини во Косово.

- На дневен ред беше расправата за нацртот на Заедницата. На Лајчак му кажавме дека имаме јасен став, кој го изнесе премиерот на 26 октомври. Подготвени сме да го прифатиме документот во целост, да го потпишеме заедно со другите два документа. Не ни требаа дополнителни појаснувања од ЕУ, затоа и не разговаравме. Нацртот што беше донесен во Косово води поголема грижа за Уставот на Косово. Меѓутоа, за тоа дали е целосно усогласен, ќе одлучи Уставниот суд. Работата не може да започне без потписи, бидејќи ни треба гаранција дека имаме валиден договор, што потоа создава обврски за другата страна, изјави Бислими пред новинарите во европската престолнина.

Вицепремиерот на Косово оцени дека најважна точка на денешната средба била дискусијата за финализирање на нацрт роковникот на основниот договор од 17 февруари во Брисел и анексот од 18 март, усогласен на средбата на Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Охрид.

- Новиот нацрт за првпат воведува целосен паралелизам во спроведувањето на договорот или порамномерна имплементација и се обидовме на овој нацрт да му ги дадеме последните коментари за да биде прифатлив од наша страна. Мислам дека имаше подготвеност од Лајчак да ги прифати нашите предлози бидејќи беа детално аргументирани. Денеска ќе ги испратиме коментарите во писмена форма и ќе ги вклучиме во неговиот нацрт за да продолжиме понатаму, рече Бислими.

Тој посочи дека на средбата со европскиот емисар било разговарано и за прашањето на исчезнатите лица, при што, според него, откако бил прифатен амандман од косовската страна, се сметало дека документот е усвоен.

Лајчак, според Бислими, му честитал на Косово за успехот во претворањето на регистарските таблички во РКС на Србите на север. За оваа работа тој вели дека се разговарало само за два-три дополнителни чекори што може да се преземат за Србите по пренамена на нивните регистарски таблички - добивање возачка дозвола, отворање автошкола во четирите градови на северот...

- Се разговараше за следните чекори за одржување на предвремени избори. Имаше мала загриженост за содржината на формуларот што требаше да се користи за собирање потписи. Можеме да го прифатиме барањето на ЕУ, а тоа беше да не се става телефонскиот број на формуларот, рече Бислими.

Бислими рече дека не се разговарало за следните средби, но додаде дека Лајчак сака посебна средба на која ќе се разговара за имплементација на минатите договори.

Денеска во Брисел не дојде до заедничка средба на Лајчак со главните преговарачи на Приштина и Белград, и покрај тоа што, според медиумите, европскиот емисар изразил интерес за тоа.иа/сд/

Остани поврзан