• недела, 24 ноември 2024

Били Ајлиш доминираше на Греми наградите

Били Ајлиш доминираше на Греми наградите
Лос Анџелес, 27 јануари 2020 (МИА) - Во Лос Анџелес синоќа беа доделени Греми наградите, а церемонијата помина во знакот на смртта на легендарниот кошаркар Коби Брајант. Церемониајта почна со едноминутно молчење за Брајант, а главната програма  ја отворија пејачките Лизо и Алиша Киз кои исто така го споменаа големиот спортист. Били Ајлиш доминираше со доделувањето на наградите и зема златни грамофони во четири големи категории. Прво со својот брат Финиас О'Конел доби награда Греми за најдобра песна на годината. Тоа е песната „Bad Guy“ која зборува за насилство врз жените и која ја сними со својот брат во нивната семејна куќа. - Oва е мое прво Греми, не верував дека ова некогаш ќе се случи. Знам дека многу се шегувам, и оти изгледа дека никогаш не сум сериозна, но искрено сакам да кажам дека сум благодарна, рече младата пејачка. „Bad Guy“ беше прогласена и за најдобра снимка на годината (record of the year), што значи дека освен Били, награда добија и сите други кои учествуваа во создавањето на песната. Били Ајлиш исто така доби Греми за најдобар нов уметник на годината, за албум на годината за нејзиниот прв албум „When We All Fall Asleep, Where Do We Go?“, кој беше награден и во категоријата поп вокален албум. Лизо имаше најмногу номинации, а зема три Греми награди. Таа беше номинирана во осум категории, а победи во поп соло настап за изведување на нејзината песна „Truth Hurts“, за традиционален R&B настап, како и за современ албум. Уште еден тинејџер кој ги одбележа овогодишните Греми награди е рапаерот Lil Nas X. Тој на предцеремонијата освои Греми за најдобар музички спот за песната „Old Town Road“, а потоа и златен грамофон за поп дуо или групен настап, заедно со Били Реј Сајрус. Тој зема награда и за најдобар рап албум. Кантри пејачката Тања Такер го доби својот прв Греми на 61-годишна возраст, и тоа за најдобар кантри албум „While I’m Livin“ кој воедно е и прв што го сними по повеќе од десет години пауза во својата музичка кариера. Таа исто така доби награда за најдобра кантри песна „Bring My Flowers Now“. Дуото од филмот „Ѕвездата е родена“ зема Греми за најдобра компилација за визуелни медиуми, односно за песните кои се емитувани во филмот. Лејди Гага и Бредли Купер не се појавија на настанот, па златните грамофони ги земаа нивните соработници, тимот продуценти кои работеа на песните. Комплетниот список на добитници на наградите може да се прочита на следниот линк. јт/

Остани поврзан