• четврток, 12 февруари 2026

Билатералните, регионалните и меѓународните прашања на агендата на утрешниот Висок совет за соработка Грција – Турција

Билатералните, регионалните и меѓународните прашања на агендата на утрешниот Висок совет за соработка Грција – Турција

Атина, 10 февруари 2026 (МИА) – Билатералните односи и соработката, напредокот во изминатите две години по потпишувањето на Атинската декларација, регионалните и меѓународните случувања, се очекува да бидат темите на утрешниот Висок совет на соработка меѓу Грција и Турција, што ќе се одржи во Анкара, информираше портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Зохиу објасни дека делегацијата што ќе ја предводи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ја сочинуваат министрите за надворешни работи, за национална економија и финансии, за развој, за образование, за миграција и азил, за заштита на граѓаните, за цивилна заштита, за култура, за транспорт и инфраструктура, како и заменикот МНР надлежен за економска дипломатија.

Во однос на темите посочи дека ќе се фокусираат на оние од билатерален, регионален и меѓународен интерес.

Билатерално ќе разговараат за миграцијата, соработката во цивилната заштита, во економијата и трговската размена, во борбата со организираниот криминал и во културата.

Од регионалните и меѓународните случувања на агендата ќе бидат Блискиот Исток, Иран и Украина.

- Целта на Високиот совет за соработка е да се оцени напредокот во билатералната соработка две години по Атинската декларација, исто така да останат отворени каналите на комуникација, да се формулира заедничко уверување за разговри за билатерални теми меѓу двете земји и секако да направи процена на грчко-турскиот структуриран дијалог и функционалниот однос меѓу Грција и Турција, рече Зохиѕу.

Посочи дека она што е важно е дека се води дијалог, а дијалогот е на високо ниво, но и дека е важно да постојат канали на комуникација.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека одредувањето на морските зони не е на агендата на Високиот совет, бидејќи како што објасни, не постојат неопходните предуслови.

Последниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција се одржа во декември 2023 година во Атина кога беше потпишана и Атинската декларација, како и низа договори за подобрување на довербата и соработката. ср/ми/

Фото: Архива

Остани поврзан