• четврток, 26 декември 2024

Бигорски манастир: Струшката Еордија во најсјаен блесок

Бигорски манастир: Струшката Еордија во најсјаен блесок

Дебар, 8 мај 2023 (МИА) - Свештената бигорска обител во текстот посветен на Струшката Еордија  оценува дека традиционална литија станала сенароден настан, кој вчера ја следеле илјадници граѓани.

- Торжествата кои сè уште го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваат срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и оваа година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја. Како ниедна година досега, десетици илјади луѓе стоеја на улиците, тротоарите и плоштадите, следејќи ја раскошната литија, составена од Христовите свештенослужители, монасите, псалтите, бигорската мијачка гарда, знаменосците, Градскиот дувачки оркестар на Скопје и младите облечени во народни носии. За возврат, пак, сите добиваа обилен благослов од Мајката Божја и од Победоносецот, кои ги озаруваа нивните срца со вишен благослов, наведуваат од манастирот.

Додаваат дека празничната вечерна богослужба беше отслужена од страна на  Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од  епископот Антаниски, г. Партениј, а на  особена радост, учество во вчерашното празнување во Струга за првпат земал учество и архиереј од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој допатувал на покана од владиката Тимотеј, за да биде негов почесен гостин.

-Дворот на струшкиот храм посветен на Светиот Георгиј, каде што заедно со светите архиереи богослужеше и голем дел од свештенството на Дебарско-кичевската епархија, беше преисполнет со огромен број верници, кои со нескриена радост се присоединија кон молитвената поворка за да го чествуваат чудесниот и народно омилен Светец Божји и да го испросат неговиот моќен благослов, посочуваат од Бигорски.

Искажуваат огромна благодарност до учесниците во литијата, кон организациониот одбор, особено кон старешината на храмот "Свети Георгиј"  отец Васко Голабоски, од Струга, како и кон сите стружани кои несебично се обединуваат, за да го издигнат и разубават овој сенароден настан.

Посебна благодарност, велат,  должиме и кон благословениот тим на фотографи и сниматели, кои несебично се потрудија да го документираат и овековечат ова несекојдневно блескаво собитие.

- Нека милостивиот и воскреснат Бог го прими овој подвиг за благослов и духовна поткрепа на целиот православен род, та во иднина да можеме во уште поголем сјај и торжества да ја славиме величествената струшка Еордија, која го направи градот Струга препознатлив во целиот свет, напоменуваат од Свештената бигорска обител.вт/свс/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан