• среда, 25 декември 2024

„Бехтел и Енка“ ги почна градежните работи на Коридорот 8 

„Бехтел и Енка“ ги почна градежните работи на Коридорот 8 

Гостивар, 12 септември 2023 (МИА) - Во селото Горна Бањица почнаа градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар - Букојчани (30,1 километар) на Коридорот 8.

-Ова е прва реална активност со која почнува изградбата на двата коридора. Тоа што сите го очекувавме го реализираме денеска, а го ветивме минатата недела. Тука каде што стоиме поминува новиот автопатот Гостивар - Кичево, а материјалот од минирањето ќе биде искористен за Тетово - Гостивар и за страничниот пат од Тетово. На најтранспарентнен, најотворен начин ги вршиме работите за да се убеди јавноста дека коридорите ќе се изградат во рекордно време и најквалитетно, рече првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д Артан Груби.

На настанот присуствуваат американската амбасадорка Анџела Агелери, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми. 

Со Договорот што го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на автопатските делници Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Требеништа - Струга - Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп - Битола на Коридор 10д.

До проектната единица - Јавното претпријатие за државни патишта веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа - Струга - Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а до крај на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп-Битола.

На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, со која за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра. мч/ цр

фото: МИА принт скрин

Остани поврзан