• вторник, 24 декември 2024

Бесплатен оброк за ученици до петто одделение втора година по ред во Кавадарци 

Бесплатен оброк за ученици до петто одделение втора година по ред во Кавадарци 

Кавадарци, 1 октомври 2024 (МИА) - Бесплатен оброк за ученици до петто одделение, втора учебна година по ред се реализира во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска информираше дека со бесплатниот оброк се опфатени вкупно 1.780 ученици од прво до петтто одделение. Тој појасни дека оброкот се доставува секое утро во секое училиште, каде што од страна на лица задолжени за тоа, им се дели на сите ученици.


- Втора година по ред Општината го спроведува проектот во сите основни општински и подрачни училишта. Овој проект што е исклучително важен за нас како локална самоуправа и за нашите дечиња, успешно се имплементираше претходната година, а еве и сега на почетокот на новата учебна година, кон што ќе се стремиме и во иднина. Проектот се реализира согласно претходно регулираните законски постапки за заштита на безбедноста и здравјето на учениците, соопшти градоначалникот. 

Тој подвлече дека менито е нутриционистички изготвено и вклучува разновидна храна, пијалок и овошје.

- Овој проект е инвестиција на Општина Кавадарци  во вредност од 20.000.000 денари, проект кој беше дел од мојата предизборна програма и еве веќе втора година се покажа како доста успешен, дечињата се задоволни, а тоа  ни е најважно, истакна Јанчев. 

Тој нагласи дека целта е финансиски да им се олесни на родителите, кои за првпат ги запишуваат своите деца во училиште, но и правилна и навремена исхрана за развој на децата.

- Општина Кавадарци продолжува со овој бесплатен оброк, здравје и следната учебна година, најави градоначалникот на Кавадарци, во изјава за медиумите. свд/дма/


Фото : МИА

Остани поврзан