• вторник, 12 ноември 2024

Бесими: Сите институции во Владата работат да се најде одржливо системско решение за платите за цел јавен сектор

Бесими: Сите институции во Владата работат да се најде одржливо системско решение за платите за цел јавен сектор

Скопје, 22 март 2023 (МИА) – Законот за платите во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа, треба да изнајде системско и конзистентно решение за целиот јавен сектор кое ќе биде одржливо за раст на платите и во јавниот сектор како што е и во реалниот сектор, порача денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Во моментов сите институции во Владата работат да се најде одржливо системско решение за цел јавен сектор. Во Законот за службеници во државната администрација воведовме методологија со која минималната плата се внесува во основата на платата во државната администрација и потоа соодветно се прилагодува со минималната плата кај тие што се опфатени со законот, а кај другите со соодветни колективни договори, односно се бара системско решение во однос на платите, рече Бесими во одговор на прашање по денешното потпишување на Договор за грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје.

Системско решение, посочи, направивме и со новиот Закон за минималната плата и за пензиите.

-Годинава имаше раст на минималната плата за околу 2.000 денари. Ова покачување на минималната плата не дојде како резултат на некои преговори водени оваа година, туку како резултат на пристапот на Владата системски да ги решава работите, да се обезбеди стандардот на вработените, но воедно и да се следи продуктивноста на растот на економијата, рече Бесими.

Годинава, како што кажа, има раст и на просечната плата во стопанството и кај цените од друга страна што, пак, доведоа до раст на минималната плата.

-Тоа покажува дека без преговори системски е веќе решено. Слично решение има со пензиите. Владата годинава не требаше да преговара со пензионерите за зголемувањето на пензиите. Тоа е системски решено и постојано секоја година ќе се случува, прецизира Бесими. вј/нд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан