• недела, 17 ноември 2024

Бесими: Очекуваме поголем интерес од банките и институциите за зелената обврзница, за граѓаните нова граѓанска во октомври

Бесими: Очекуваме поголем интерес од банките и институциите за зелената обврзница, за граѓаните нова граѓанска во октомври

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) – Аукцијата за зелената обврзница, за која проспектот беше објавен оваа недела, ќе се одржи на 3 октомври, во вторник, и за неа очекуваме поголем интерес, пред се, од банките и институции, иако е наменета и за граѓаните, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Блумберг Адрија. Тој исто така најави и издавање на уште една нова емисија на граѓанска обврзница.

-Износот на емисијата на зелената обврзница е на 10 милиони евра, двегодишна, со 4,7 отсто годишна камата, а ќе можат да се пријават банки, институции и граѓани. Очекуваме поголем интерес, пред сè од банките и институциите, затоа што станува збор за еден нов инструмент што во билансот на банките и компаниите им значи дополнителна вредност, не само финансиска вредност, истакнува министерот Бесими.

Тој посочи дека парите ќе одат во Фондот за енергетска ефикасност, во Развојната банка преку кој ќе се поддржат зелени проекти односно енергетски ефикасни проекти и проекти во обновливи извори на енергија за мали и средни претпријатија, на кои ќе им се помогне во финасирањето со поволни услови.

Бесими во интервјуто истакна дека новата емисија на граѓанска обврзница ќе биде на 10 милиони евра.

-Планираме да ја издадеме во текот на октомври. Ќе биде на 10 милиони евра во денарска противвредност. Но ќе се прифати целата понуда колку што ќе покажат интерес граѓаните. Таа ќе биде со 5% камата. Станува збор за двегодишна обврзница, која ќе се обновува. Значи и во иднина тие ќе постојат на пазарот, односно граѓански обврзници ќе има во континуитет на нашиот финансиски пазари, вели Бесими.

Министерот во интервјуто истакна дека се издадени и структурни обврзници, кои се наменети за општините и дека сега се издадени на општина Тетово во износ од 4,5 милиони евра, Желино во износ од еден милион евра и Виница со нешто помал износ. Како што рече министерот барање доставила и општина Кичево, но се откажала во последен момент. ев/

ФОТО: Министерство за финансии

 

 

Остани поврзан