Бесими: Механизмот КАПЕФ придонесе за подобра реализација на капиталните инвестиции
- Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека минатата година дури и во услови на криза имало подобра реализација на капитални инвестиции, односно оти на крајот на годината имало 81 процентн
Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) - Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека минатата година дури и во услови на криза имало подобра реализација на капитални инвестиции, односно оти на крајот на годината имало 81 процентна реализација. За да се подобрува и натаму процентот на реализација, според него, е воведен механизам да се прави контрола секој квартал и да се реалоцираат средствата од онаму каде реализацијата е мала во сектори каде таа е поголема или има потреба од дополнителни средства.
-Ние во декември, тоа традиционално во земјата се прави, одиме со прераспределба на средства таму каде има потреба за реализација и одземање таму каде има послаба реализација. И во последниот месец, во декември има значително подобрување на реалната бројка на реализации. И тоа на крај се соопштува во завршниот Буџет.
Како пример за доброто функционирање на овој механизам Бесими посочи дека минатата година на крајот од третиот квартал имало 45 посто реализација на капиталните инвестиции, а во истиот период 2019 година 37 проценти.
Министерот за финансии, Бесими во гостувањето се осврна и на актуелната состојба со електричната енергија и најавите за поскапување на нејзината цена, но и за евентуален недостиг. Ние, нагласи тој, може да помогне во делот да обезбеди ликвидност за енергетските компании за да обезбедат електрична енергија.
Дополнително, нагласи министерот за финансии, имаме интервенирано со намалување на ДДВ-то на електричната енергија и тоа, како што рече, сега претставува олеснителна околност.-Во однос на ранливите категории, веќе има мерка. 1000 денари добиваат ваучер за електрична енергија, тие што се социјални категории. Околу 31 илјада семејства добиваат такви ваучери. Во моментов, дополнителни 9000 пензионери добиваат ваучери за оваа енергетска ефикасност. Тој дел е покриен со постојните мерки, рече Бесими. сст/дма/