• четврток, 26 декември 2024

Бесими за МИА: И да не отворевме дебата за даночните реформи, има закони кои стапуваат во сила од 1 јануари

Бесими за МИА: И да не отворевме дебата за даночните реформи, има закони кои стапуваат во сила од 1 јануари
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - И да не ја отворевме дебатата за даночните реформи, има законски решенија кои стапуваат во сила од 1 јануари 2023 година, како што се за оданочувањето на приходите над милион денари годишно и оданочувањето на каматите на депозитите, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА. - Ние имаме законски решенија кои стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година - тоа е прогресивниот данок каде што над милион денари годишно се одданочуваат со 18 проценти и 15 проценти е ставка на сите други доходи врз основа на данокот на личен доход - дали од капитал или од добивка или други основи. Тоа е законското решение. И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. И кога зборуваме за данокот на камати на депозити, сакам да кажам дека и да немавме дебата и ако ништо не правевме како Министерство, од 1 јануари 2023 година тоа стапува на сила. Имаме законско решение кое уште во 1996 година е донесено во нашето законодавство за да се оданочуваат каматите на депозитите. Тоа неколку пати е прологирано и сегашното решение од јануари 2023 година стапува на сила. Но, ние сакаме да се дискутира за тоа и затоа го ставаме на маса, вели Бесими. Во однос на предлогот да се оданочуваат каматите на депозитите, Бесими појаснува дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци, притоа посочувајќи дека се работи за мала сума на пари. - Предлог решението за каматите за депозитите се однесува само на орочените депозити на 12 месеци. И во другите земји во Европа и регионот тоа се оданочува. На пример, во Хрватска со 10 проценти, во Словенија со 27 проценти, во Унгарија и во Словачка со 18 и со 20 проценти. Се работи за мал износ на средства. Така, ако некој има депозит од 100 илјади денари орочен на 12 месеци, тогаш на каматата од 1000 денари, данокот би бил 100 денари. Значи, на 100 илјади депозит годишно, оданочувањето би било 100 денари, појаснува Бесими. Со ваквиот предлог, Бесими не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките. За прогресивниот данок, вели, дека јавната дебата е клучна за да се дојде до најдобро решение, притоа не сакајќи да прејудицира дали лично смета дека треба да се воведе ваков данок. - Бидејќи сега имам улога во Владата и одговорност пред граѓаните, не сакам да дадам мислење уште пред дебатата, но сметам дека за оваа тема вреди да се дебатира, а потоа да се носи предлог затоа што има различни решенија. Во однос на оваа тема не сум да одиме со триумфално решение, туку за решение прифатливо од сите, вели Бесими, прашан дали како прв човек на Министерството за финансии смета дека е потребно да се воведе прогресивен данок. Нагласува дека остануваат отворени за предлози и аргументирани решенија кои би произлегле од дебатата со цел да се подобри квалитетот на овој сет на реформи. бак/ фото: Дарко Попов видео: Аслан Вишко https://www.youtube.com/watch?v=_yKiN0wTCU0

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан