• петок, 27 декември 2024

Бесими: Буџетскиот дефицит ќе продолжи да се стеснува и со новиот буџет за 2023

Бесими: Буџетскиот дефицит ќе продолжи да се стеснува и со новиот буџет за 2023
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата најнова колумна најави дека буџетскиот дефицит ќе продолжи да се стеснува и со новиот буџет за 2023 година, со што се оди со постепена фискална консолидација. Во колумната, Бесими посочува дека догодина доспеваат и стари обврски во износ од 800 милиони евра, меѓу кои и еврообврзницата од 450 милиони евра издадена од 2016 година. Каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеаниот долг заедно со каматите надминува милијарда евра. - Сепак, имајќи ги во предвид сите мерки кои ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата, пишува Бесими во колумната. На среден рок, како што посочува, има уште неколку бедеми кои треба да се надминат по однос на финансирањето на доспеани обврски, пред се обврските акумулирани за време на ковид-кризата, но, вели, со умерен пристап и миксот на штедење и водење на соодветни политики кои ќе го поттикнат растот и зголемат приходите, ќе ги премостиме и нив. Според Бесими, се оди со постепена фискална консолидација, која ќе го поддржи економскиот раст. Миксот, како што наведува, се состои од подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на административните капацитети и подобрување на услугите на УЈП и Царина, мерки за намалување на сивата економија и даночна реформа, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, поддршка на иновациите и зајакнување на конкурентноста, ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит, репрограмирање на јавниот долг, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства, Развоен фонд за стратешки инвестиции и мобилизирање на финансиски капитал од меѓународни финансиски институции и приватниот сектор. - Во однос на првите две точки, Владата го усвои Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Тој се состои од три дела: консолидација на расходите во државните институции, подобрување на наплатата на давачките и мерки и препораки за јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост. Исто така, во него содржан е концептот за конзистентност и оптимизација на економските политики и реформи во однос на економскиот раст, а предвидени се и индикатори на успешност на буџетските програми во однос на приоритетните економски политики и реформи – познати како концепт на „вредност за парите“ (value for money) во буџетот. За третата точка, соодветни механизми се предвидени со Планот за забрзан економски раст, кој се однесува на заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст на 5 проценти во просек во следните пет години, пишува Бесими во колумната. бак/дма/

Остани поврзан