• недела, 24 ноември 2024

Беровските пожарникари добија донација од противпожарна опрема

Беровските пожарникари добија донација од противпожарна опрема
Берово, 15 септември 2021 (МИА) - Територијалната противпожарна единица во Берово доби донација од противпожарна опрема од НЛБ Банка. Командирот на единицата, Сашко Руменовски упати огромна благодарност до донаторот кој, според него, уште еднаш ја потврди својата општествена одговорност. - Благодарност до НЛБ Банка која ни излезе во пресрет на барањата за дополнување и обнова на противпожарната опрема. Малешевскиот регион изобилува со високо-стеблеста шума и пожарот кој ова лето го погоди нашиот крај навистина предизвика огромна и ненадоместлива штета. За жал, пожари беснееа низ целата земја што ја потенцираше потребата од добро обучени кадри и квалитетна опрема за противпожарните служби. Со оглед на сé повисоките температури во текот на летото, шумските пожари се и остануваат голем предизвик за единиците на противпожарна заштита и институциите, истакна Руменовски. За потребите на службата, НЛБ Банка обезбеди делови за хидрант, црева, продолжетоци и спојувања, млазница и моторна прскалка - опрема која раководството на службата ја посочи како неопходна за превенција и справување со пожари. - Пожарите во текот на летото и проблемите со кои се соочуваа противпожарните единици во земјава покажаа недостаток на потребната противпожарна опрема. Со цел да обезбедиме подобра контрола на пожарите, веднаш и без двоумење одговоривме на барањето на Противпожарната единица во Берово, поттикнати од серијата големи шумски пожари, во кои посебно беше загрозен Малешевскиот крај. Пожарите се катастрофи кои директно го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните, шумскиот фонд и целокупниот биодиверзитет во земјата. Веруваме дека со оваа донација даваме придонес кон зголемување на капацитетите, подготвеноста и ефикасноста на единицата на противпожарна заштита во превенција и справување со пожари, додадоа од НЛБ Банка. Оваа донација е надополнување на донацијата во медицинска опрема и лекови која летово ја обезбеди Словенечката амбасада во Северна Македонија, а беше наменета за екипите на противпожарната заштита и пожарникарите кои дојдоа на испомош од Словенија во Берово и истата претставува одличен пример на солидарност и меѓуинституционална соработка во служба на општественото добро. вс/мс/  

Остани поврзан