• четврток, 26 декември 2024

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Берлин, 29 април 2024 (МИА) - Шефот на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година, јави ДПА.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

Написот, кој ДПА го виде пред објавувањето, денеска се појави во медиумите во Литванија, Латвија, Романија и Грција, забележува агенцијата.

Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешката Република, Словачка, Словенија, Унгарија, Малта и Кипар се приклучија на ЕУ на 1 мај 2004 година.

-Ние знаеме барем од (почетокот на) руската агресивна војна против Украина: проширувањето на нашата ЕУ денес е исто така геополитичка неопходност, напиша Бербок.

Исто како и пред 20 години, милиони Европејци денес гледаат надеж и можност да станат граѓани на ЕУ.

-Не можеме да си дозволиме уште една цела генерација повторно да тлее во чекалната на ЕУ, како што беше случајот во Западен Балкан. Не смееме да ја губиме можноста да ја направиме нашата унија поголема и посилна - и затоа посигурна, предупреди таа.

Западен Балкан ги вклучува Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

Брисел смета дека Црна Гора е најнапредна во пристапниот процес, забележува ДПА.

Проширувањето на ЕУ се очекува најрано до крајот на деценијата.

ЕУ води разговори за пристап со Црна Гора од 2012 година. Во март, ЕУ одлучи да започне преговори и со Босна и Херцеговина. Сепак, првата пристапна конференција ќе биде организирана само откако земјата ќе ги исполни обврските за реформи како што се во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

На 1 мај, Бербок планира да ја прослави 20-годишнината од пристапувањето на Полска во ЕУ со својот полски колега Радослав Шикорски во Слубице и германскиот пограничен град Франкфурт на Одер. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан