• четврток, 26 декември 2024

Бербок нагласи дека санкциите за Русија остануваат, дури и Германците да излезат на улица

Бербок нагласи дека санкциите за Русија остануваат, дури и Германците да излезат на улица
Берлин, 2 септември 2022 (МИА) - Германија мора да ја поддржи Украина, па дури и Германците да излезат на улица поради растечките цени на енергенсите, смета германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. - Ако им ветам на луѓето во Украина - ние сме со вас додека сме ви потребни - тогаш сакам тоа и да го исполнам. Без оглед на тоа што моите германски избирачи ќе помислат, јас сакам тоа да му го понудам на украинскиот народ, истакна Бербок. Таа додаде дека санкциите против Русија ќе останат на сила и во зимскиот период, дури и политичарите да бидат соочени со незадоволни граѓани. - Сега се соочуваме со зимата, кога ќе бидеме предизвикани како демократски политичари. Луѓе ќе излезат на улица и ќе кажат: Не можеме да ги платиме нашите цени на енергенсите. А јас ќе речам: Да, знам, ние ќе ви помогнеме со социјални мерки. Но, не сакам да одговорам: Океј, тогаш ги запираме санкциите против Русија. Ние ќе бидеме покрај Украина, а тоа значи оти санкциите ќе останат и зимата, дури и да им биде многу тешко на политичарите, појасни Бербок. Медиуми пишуваат дека наводите на министерката од редовите на Зелените, предизвикале бројни критики од десничарската Алтернатива за Германија и левичарски партии, сметајќи оти на Бербок поважни ѝ се украинските од германските граѓани. бд/сд/

Остани поврзан