• вторник, 24 декември 2024

Бербок: Израел има право на самоодбрана од насилството на Хамас и ракетниот терор на Иран и Хезболах

Бербок: Израел има право на самоодбрана од насилството на Хамас и ракетниот терор на Иран и Хезболах

Берлин, 6 октомври 2024 (МИА) – Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, го нарече нападот на палестинското движење Хамас врз Израел клучен момент и во еврејската и во германската историја, а, исто така, изјави дека се срами од антисемитските напади што се случуваат на улиците на Германија, јави ДПА.

Во авторски текст за денешното издание на весникот „Билд ам Сонтаг“ ( Bild am Sonntag)  германската министерка за надворешни работи напиша дека масакрот од 7 октомври 2023 година од страна на Хамас ги подели времињата, и за Евреите и за Германците, на „пред и потоа“.

Таа изрази вознемиреност што оттогаш Евреите, вклучително и во Германија, се чувствуваат помалку безбедни и дека антисемитските напади се зголемени, а иранскиот ракетен напад од оваа недела врз Израел се слави на германските улици.

„Ние се спротивставуваме на ова со целосна сила на законот“, нагласи Бербок.

Шефицата на дипломатијата додаде дека безбедноста на Израел е дел од националните интереси на Германија.

„Израел има право на самоодбрана од насилството на Хамас, како и од ракетниот терор на Иран и Хезболах“, додаде таа.

На 7 октомври терористи од палестинската исламистичка група Хамас и други екстремистички организации убија повеќе од 1.200 луѓе во Израел и киднапираа околу 250 други како заложници во Појасот Газа. Ова доведе до војната во Газа, во која се проценува дека досега се убиени околу 42.000 Палестинци, од кои околу една третина се деца и млади.

Конфликтот меѓу Израел и либанската шиитска група Хезболах, поддржана од Иран, исто така ескалира во последните недели. Постојат стравувања дека целиот регион може да биде вовлечен во катастрофална војна.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан