• среда, 25 декември 2024

Бендевска: Никогаш нема да се откажеме од македонскиот идентитет, од македонскиот јазик и култура

Бендевска: Никогаш нема да се откажеме од македонскиот идентитет, од македонскиот јазик и култура

Битола, 27 октомври 2024 (МИА) - Никогаш нема да се откажеме од македонскиот идентитет, од македонскиот јазик и култура, истакна заменик претседателката на македонското Собрание Весна Бендевска на вечерашната промоција на реконструираната Спомен куќа на Стив Наумов во Битола.

На народниот собир во Битола, воедно и ден на раѓањето на народниот херој Стив Наумов (27 октомври 1920 г.), Бендевска потсети дека Битола од секогаш раѓала херои и затоа Битола има право и должност да се гордее и да ги слави и никогаш да не ги заборави хероите.

-На младите луѓе им објаснуваме дека на Партизанските гробишта во Битола има еден празен гроб во кој не се посмртните останки на Стив Наумов затоа што по неговото паѓање за слобода на Македонија во селото Болно, Ресенско, Стив бил погребан на место кое веднаш станало Свето место за секој слободоумен Македонец. За да го спречат тоа, бугарските фашистички окупатори го откопале местото и од тогаш до ден денес никој не знае каде почиваат останките на Стив. Но, ние знаеме, Стив е во нас, во нашето срце и ние даваме завет. Знаеме дека фашизмот не е мртов. Ваквите споменици во чест на хероите обврзуваат и заветуваат никогаш да не ги заборавиме и секогаш да имаме на ум дека на 22 годишна возраст кога се сака Македонија, за неа вреди и животот да се даде. Токму затоа никогаш нема да се откажеме од македонскиот идентитет, од македонскиот јазик и култура, бидејќи тоа е наша обврска, истакна Бендевска.

Спомен куќата на народниот херој Стив Наумв се наоѓа во непосредна близина на истоименото основно училиште во Битола кое со гордост го носи името на својот патрон, посочи градоначалникот Тони Коњановски.

-Се наоѓаме во предвечерието кога Битола слави 80 години од денот на ослободувањето, а годинава Музејот слави 90 години од денот на формирањето. На денешен ден е роден Стив Наумов и токму затоа верувам дека поставката во неговата куќа ќе биде трајна. Стив со својата саможртва е опомена за сите нас дека секогаш треба да се оддава почит, да ги учиме младите како што тоа го прават учениците од училиштето кое го носи името на Стив Наумов. Со оваа Спомен - куќа воедно ја зголемуваме туристичката понуда за градот Битола кои ќе знаат за нашата богата историја и народноослободителната борба, истакна Коњановски.

Сеќавања за деновите од младоста на Стив Наумов искажа внукот Стефан, а за вредноста и значењето на инвестицијата пред битолчани говореше директорот на НУ Завод и Музеј-Битола, Зоран Николовски. мт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан