• среда, 25 декември 2024

Бендевска: Националната припадност, личното својство и општествениот статус најчести основи за дискриминација во 2022 година

Бендевска: Националната припадност, личното својство и општествениот статус најчести основи за дискриминација во 2022 година

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Во последните 20 месеци, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) изработи вкупно 470 предмети. Во 2022 година работевме на 255 предмети и за разлика од истражувањето на ЦУП, според кој граѓаните се убедени дека најчеста форма на дискриминација е базирана врз политичко уверување, социјален статус и национална или етничка припадност, анализата на нашите статистички податоци говори дека сепак најчести дискриминаторски основи за 2022 година се националната и етничката припадност, личното својство и општествениот статус, изјави членка на КСЗД, Весна Бендевска.

Според Бендевска, постои веројатност дека зад ова да се крие политичкото уверување, бидејќи граѓаните поднесувачи на претставки, најчесто не сакаат да признаат дека се чувствуваат дискриминирани во поглед на нивното политичко уверување.  

- Области во кои најчесто се случуваат дискриминациските активности се работата и работните односи и тоа верувам дека некое попрецизно истражување ќе покаже дека - да, политичкото уверување и тоа како влијае врз еднаквиот пристап до вработување, унапредување и градење кариера во нашето општество, изјави Бендевска за време на денешната конференција „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“.

Таа информираше дека оваа година имале голем број претставки кои се однесуваа на вознемирувачки говор врз национална и етничка припадност, најчесто промовирани на социјалните мрежи, поточно 47 проценти од претставките, при што нивни најчести поднесувачи се здруженијата на граѓани.

Сепак Бендевска, најави дека во текот на месец март Комисијата многу прецизно и јасно ќе ги прецизира наодите, односно годишниот извештај за својата работа во 2022 година. бт/сп/

Остани поврзан