• недела, 24 ноември 2024

Беловска: Одлуките на Уставен суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа Собранието може да направи законски измени

Беловска: Одлуките на Уставен суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа Собранието може да направи законски измени

Скопје, 5 април 2023 (МИА) – Одлуките на Уставен суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, изјави портпаролката на Уставен суд Христина Беловска.

За реакциите во јавноста по донесената одлука со која се зголемуваат платите на функционерите, Беловска рече дека од Уставниот суд едноставно се барало оценка на уставноста на членовите 4 и членот 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.

- Уставниот суд оцени дека постои неусогласеност со Уставот, односно дека се повредува владеењето на правото, затоа што во истиот закон постоеше двојство, контрадикторни одредби кои што доведуваа до нејасна и збунувачка примена. Членот 4 и членот 1, кои што сега се веќе укинати предвидуваа фиксна основица од 26 755 денари, додека од друга страна членот 11 предвидува дека пресметката на плата се прави според множење на коефициентот со просечната плата која што била исплатена во текот на минатата година, изјави Беловска.

Во однос на тоа зошто не е укинат членот 11, туку членовите 4 и 1, Беловска рече дека тој член не бил оспорен, туку единствено оспорени биле двата члена кои што се укинати, како и дека членот 11 е основен и ниту еднаш досега не бил менуван, за разлика од членот 4 и членот 1, кај кои во минатото е интервенирано 15 пати.

Со објавувањето на одлуката во Службен весник на 23 март таа е конечна и од тогаш почнуваат пресметките по членот 11, кои, како што посочи Беловска, важи и за платите на Уставните судии.

- Се разбира тука се опфатени и уставните судии, затоа што тие се избрани во Собранието. Меѓутоа, Уставниот суд е единствен орган на државата, кој што има надлежност да одлучува по вакви прашања и затоа и тука беше поставено тоа прашање и тука беше одлучено, изјави Беловска.

Во врска времетраењето на постапката, Беловска рече дека е поднесена во ноември 2022 година и предметот е решен за четири месеци, што не е исклучок, со оглед дека просекот на времетраење на една постапка пред Уставен во 2022 година бил четири месеци.

- Очигледно во сите изминати години ова прашање не било поставено. Првпат се поднесува како иницијатива до Уставниот суд од страна на  адвокат, кој што претходно има оспорувано и други закони, изјави Беловска. аа/са/

Фото: МИА

Остани поврзан