Белингем: За мене е привилегија да играм за Реал, апсурдно е да очекувате дека нема да бидете под притисок
- Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Џуд Белингем е горд што е дел од клубот и не е вознемирен од големите очекувања што му се поставуваат.
Доха, 17 декември 2024 (МИА) - Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Џуд Белингем е горд што е дел од клубот и не е вознемирен од големите очекувања што му се поставуваат.
Репрезентативецот на Англија во среда навечер може да го освои својот петти трофеј со белиот тим во сезона и половина, откако тимот ќе игра во финалето на Интерконтиненталниот куп.
Противник на „белите“ ќе биде Пачука, а натпреварот ќе се одигра во Катар.
-Менталитетот на Реал е таков што тие играат на секој турнир со јасна амбиција да го освојат. Затоа и сега овој меч е важен за нас. За мене е привилегија да играм за Реал, кој е најголемиот клуб во светот. Апсурдно е да очекувате дека нема да бидете под притисок кога сте дел од таков клуб. И јас сум фудбалски љубител и знам како стојат работите: ако не играш добро, ќе има критики што треба да ги прифатиш. Нормално е да се прави врева околу нас. Дури е привилегија да се биде под притисок во Реал, прокоментира Белингам на прес-конференција во Доха.
На констатацијата дека оваа сезона во Реал не се толку успешни, Англичанецот истакна дека тимот понекогаш прави чекор назад, но потоа следи уште еден чекор напред.
-Сезоната е долга, а во тимот има нови момци. Има многу лидери во составот. И јас имам одредени лидерски квалитети, исто како и сите други. Важно е сите да се почитуваме и да си веруваме, изјави Белингам. дс
Фото: Принтскрин