• среда, 25 декември 2024

Белгијците би сакале да одат порано во пензија, особено помладите 

Белгијците би сакале да одат порано во пензија, особено помладите 

Брисел, 4 август 2024 (МИА) - Жителите на Белгија сметаат дека идеална возраст за заминување во пензија е на 60 години, иако според законот старосната граница за пензионирање во земјата е 65 години, покажуваат резултатите на истражувањето на глобалната специјализирана мрежа за човечки ресурси СД Воркс со седиште во белгискиот град Антверпен. 

Сепак, мрежата посочува дека посакуваната возраст за пензионирање е зголемена во последниве 20 години, имајќи предвид дека при слично истражување во 2004 година Белгијците сметале дека во пензија треба да се оди на 56 години. 

Според директорот на Центарот за обука на СД Воркс, Барт Полентије ваквата тенденција на раст на посакуваната возраст за пензионирање се должи на тоа што властите веќе извесно време им порачуваат на вработените дека „ќе мора да работат подолго“.  

- Очекуваме да работиме пет години подолго од она што мислиме дека е идеално, додава Полентије.  

Околу 3,2 милиони стари лица во Германија се под границата на сиромаштија, што е за 215.000 повеќе од минатата година, а дури 803.000 повеќе од 2010 година.

Тој посочува дека истражувањето покажува дека посакуваната возраст за пензионирање се разликува во зависност од старосните групи на анкетираните, при што помладите во просек сакаат порано да одат во пензија. 

- Колку е човек помлад, толку порано сака да се пензионира, додава Полентије. 

Во моментов старосната граница за заминување во пензија во Белгија е 65 години, но од 1 февруари 2025 година таа ќе се зголеми на 66, за потоа од 1 февруари 2030 година да изнесува 67 години. 

Сепак наспроти разликите во желбите на луѓето и реалната ситуација, анализите покажуваат и разлики меѓу законската и реалната возраст за пензионирање. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во 2022 година реалната возраст на пензионирање во Белгија била 61 година и покрај законската одредба од 65 години. 

На ова се надоврзува и извештајот на белгискиот Комитет за анализа на стареењето, кој покажува дека стапката на вработеност кај Белгијците на возраст од 55 до 59 години е 54,6 отсто, а кај оние во старосната група од 60 до 64 години - 42 проценти. 

Полска воведува годишен бонус за пензионерите и лицата што примаат инвалидски надоместоци, според предлог законот што вчера го потпиша претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Од друга страна, просечниот животен век во Белгија се зголемил од 78,3 години во 2003 на 82,3 години во 2023 година. Според експертите, поради растот на должината на животниот век од витално значење е и да дојде до зголемување на стапката на вработеност кај категориите на граѓани на возраст од 55 до 64 години. Тие проценуваат дека за да се одговори на зголемените трошоци од подолгото живеење до 2050 години стапката на вработеност кај повозрасните Белгијци би требало да се зголеми за 69,2 проценти. 

Според Полентије, клучно за остварување на ваквата цел е обезбедување луѓето да се наоѓаат на работни места што ги прават задоволни, бидејќи анализите покажуваат дека ставот околу должината на работниот век зависи од задоволството од работата. 

Тој посочува дека истражувањето покажало оти оние кои „нашле задоволство во нивната работа“ сакаат и подолго да работат и сметаат дека идеална должина на работниот стаж е 30 години, за разлика од лицата кои се помалку задоволни или незадоволни од работата и кои сакаат да работат 25 години. 

- Заедничка одговорност на работодавачите и на вработените е да најдат начини работата да предизвикува задоволство и по 55-годишна возраст, смета Полентије. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан