• четврток, 09 јануари 2025

Белгија под снег, снежните врнежи не предизвикаа поголем застој 

Белгија под снег, снежните врнежи не предизвикаа поголем застој 

Брисел, 9 јануари 2024 (МИА) – Територијата на Белгија од синоќа е зафатена од снежни врнежи, кои освен сообраќајни несреќи и забавување на сообраќајот, не е предизвикан поголем застој. 

Според метеоролозите, снежните врнежи ќе престанат до крајот на денов или ќе преминат во дожд, освен во реонот на Ардените во југоисточниот дел на земјата.  

Во реонот на Брисел се регистрирани помали застои на сообраќајот, пред се на влезовите во градот, како и доцнење на некои градски автобуски линии, но и на летови од меѓународниот аеродром Завентем до максимум еден час.  

По тежината на снежната покривка биле регистрирани случаи на паѓање на дрва, па така Противпожарната бригада на Брисел имала вкупно 15 интервенции за отстранување на гранки и дрвја кои паднале на улиците и патиштата. 

Во регионот на Валонија, со исклучок на неколку несреќи кои предизвикаа застои, сообраќајот генерално се одвиваше нормално.  

Во неколку валонски провинции поради снежните врнежи е активиран планот за реакција при лоши временски услови и се преземени мерки за пренасочување на автобускиот сообраќај на некои патни правци. Од друга страна, железничкиот сообраќај се одвива нормално. 

Според Регионалниот координативен центар, редовно се следи состојбата на патна мрежа во Валонија и продолжува преземањето на соодветни мерки за расчистување на патиштата од снегот.  

Во Фландрија, пак, според регионалната Агенцијата за патишта и сообраќај, расчистени се патните правци во сите провинции и утринскиот шпиц поминал без поголеми инциденти.  

Сепак, и од валонскиот Координативен центар и од фламанската Агенција за патишта, им препорачуваат на возачите да бидат внимателни при движењето. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан