• петок, 27 декември 2024

Белгија го одбележува Националниот празник 

Белгија го одбележува Националниот празник 

Брисел, 21 јули 2023 (МИА) - Белгија денеска го прославува својот Национален празник – денот кога првиот белгиски крал Леополд положил заклетва врз државниот Устав на 21 јули 1831 година, датум кој се смета и за официјален крај на Белгиската револуција, односно борбата за независност од тогашното Обединето Кралство Холандија. Овогодишното чествување на Националниот празник минува и во одбележување на 10-годишнината од стапувањето на престолот на актуелниот белгиски крал Филип.  

По повод празникот претпладнево ќе биде одржана мисата Те Деум во катедралата во Брисел, по што во попладневните часови во центарот на градот ќе биде организирана парада, а чествувањето ќе заврши со вечерен концерт во бриселскиот Парк на педесетгодишнината (Парк де Санконтенер/Јубелпарк) и огномет.

На парадата ќе учествуваат и двете од децата на кралот Филип, принцот Габриел, кој заврши прва година на Кралската воена академија во Брисел, како и принцезата Елизабет, која исто така студира на оваа Академија. Тие ќе дефилираат на парадата заедно со своите колеги од Академијата.

За време на парадата на небото на Брисел ќе прелетаат и десет борбени авиони Ф-16, кои симболично ќе ја означат десетгодишнината од владеењето на кралот Филип.

Меѓу учесниците на парадата ќе бидат и припадници на службите за реакција при итни случаи и полицијаци на велосипеди, а противпожарната единица на Брисел ќе го промовира своето ново противпожарно возило со најголеми скали во Европа, долги 64 метри, наменето за справување со пожари во висококатници.

По повод Националниот празник, белгискиот Федерален парламент организира „отворен ден“ во периодот од 11 до 19 часот, кога граѓаните ќе може да ги посетат Претставничкиот дом и Сенатот и да ја видат изложбата на бисти на сите досегашни монарси на Белгија, која беше поставена неодамна по повод  десетгодишната од доаѓањето на престолот на кралот Филип. Посетителите ќе имаат можност да го видат и престолот на кој седеше кралот Филип при полагањето заклетва.

Бесплатниот концерт во Паркот на педесетгодишнината ќе започне во 21 часот и на него ќе настапат повеќе белгиски музички ѕвезди, а најавено е и присуство и на кралот Филип и кралицата Матилда и на братот и сестрата на кралот, принцот Лоран и принцезата Делфин со нивните брачни партнери. Предвидено е концертот да претставува своевидно мултимедијално шоу со светлосни и ласерски ефекти и да заврши со огномет.

Во текот на денот ќе се организираат и повеќе манифестации на кои, според најавите, фокусот ќе биде на настаните од изминатите години и предизвиците со кои се соочи Белгија.

Во пресрет на прославата, белгиската министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден изјави дека кралот отсекогаш играл обединувачка улога, но дека празникот ќе биде можност и да им се оддаде признание и благоданост на безбедносните сили.

- Би сакале да го прославиме (празникот) и да им оддадеме признае и да им изразиме благодарност на сите наши безбедносни сили, кои дадоа се од себе за да ги заштитат нашите жители за време на сите овие кризи, порача Верлинден, потсетувајќи дека изминативе години Белгија се соочи со поплави, корона кризата, нападите на бриселскиот аеродром и метро станицата „Малбек“, како и војната во Украина.

По повеќе векови минати под бургундска, шпанска, австриска и француска власт, согласно одлуките на Виенскиот конгрес во 1815 година, најголемиот дел од територијата на денешна Белгија станува дел од новоформираното Обединето Кралство на Холандија, освен југоисточниот дел кој е приклучен кон Големото Војводство Луксембург.

Но, веќе во 1830 година во доминанто католичките региони на денешна Белгија почнува борба за независност од доминантно протестантската Холандија. Белгиската револуција официјлно започнува во август 1830 година, а веќе следниот месец во Брисел е формирана Привремена влада. На 4 октомври 1830 година се конституира Националниот конгрес, кој прогласува независна Држава Белгија, која тогашните големи сили – Австрија, Велика Британија, Прусија, Русија и Франција официјално ја признаваат на 26 декември 1830 на Конференција во Лондон.

На 7 февруари 1831 година Националниот конгрес го усвојува Уставот на Кралството Белгија, а веќе во јуни го избира принцот Леополд Георг Кристијан Фридрих фон Сакс-Кобург-Гота за белгиски монарх. На 21 јули 1831 година тој положува заклетва врз Уставот и станува Леополд, крал на Белгијците, како што официјално гласи кралската титулата.

Холандија официјално ја признава белгиската независноста на 19 април 1839 година на нова Конференција во Лондон, на која кон Белгија се припојува и денешниот нејзин југоисточен дел, кој дотогаш е во составот на Луксембург. сп/

 

Остани поврзан