• петок, 27 декември 2024

Бела куќа: За Бајден не е неопходен когнитивен тест

Бела куќа: За Бајден не е неопходен когнитивен тест

Вашингтон, 3 јули 2024 (МИА) - Белата куќа соопшти дека не е неопходен когнитивен тест за американскиот претседател Џо Бајден, наведувајќи дека тој се уште може да биде кандидат за реизбор на оваа функција.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, на прес-конференција рече дека нема апсолутно ништо скриено за здравјето на Бајден, објави Си-Ен-Ен.

Жан-Пјер, сепак, призна дека Бајден „немал сјајна ноќ“ за време на телевизиската дебата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

„Решив да патувам низ светот неколку пати... непосредно пред дебатата... не го слушав мојот персонал... и потоа за малку ќе заспиев на сцената“, рече Бајден за последната дебата, за време на собирањето средства за неговата изборна кампања во американската сојузна држава Вирџинија.

Бајден имаше речиси две недели помеѓу неговото враќање од Италија од самитот на Г7 на 15 јуни и дебатата на 27 јуни.

Жан-Пјер повтори дека Бајден бил болен за време на дебатата, наведувајќи дека се уште има настинка.

Демократскиот пратеник од Тексас, Лојд Догет, во вторникот го повика Бајден да се откаже од претседателската трка по телевизиската дебата со Трамп.

Белата куќа во вторникот соопшти дека денеска се очекува Бајден да се сретне со демократските гувернери и лидерите на Конгресот, откако некои од нив побараа средба со претседателот. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан