• недела, 24 ноември 2024

Бела куќа: Бајден подржува зголемување на платите, не се меша во преговорите меѓу синдикатот на автомобилските работници и компаниите 

Бела куќа: Бајден подржува зголемување на платите, не се меша во преговорите меѓу синдикатот на автомобилските работници и компаниите 

Вашингтон, 27 септември 2023 (МИА) - Американскиот претседател, Џо Бајден, синоќа се приклучи на штрајкувачите од американската автомобилска индустрија, станувајќи со тоа првиот претседател во историјата на САД кој лично дошол на работнички штрајк.

Од Белата куќа подоцна изјавија дека претседателот нема намера да се меша во преговорите меѓу синдикатот Обединате авто-работници (UAW – United Auto Workers) и менаџментот на трите американски авто концерни, Форд, Џенерал моторс и Стелантис (поранешен Крајслер).

UAW ги претставува интересите на стотина илјади работници и веќе 12 денови штрајкува за зголемување на платите и за други придобивки како четиридневна работна недела. Незадоволството произлегува од тоа што директорите на трите традиционални компании од американската автомобилска индустрија во изминатите децении заработуваат годишни плати од десетици милиони долари, додека работничките плати се зголемени минимално (годишна основна плата на директорот на Џенерал моторс лани изнесувала 29 милиони долари). 

Бајден, облечен во сина капа со симболот на синдикатот, застана на дрвена платформа и употреби мегафон за да зборува пред групата членови на синдикатот облечени во црвено. Тој беше придружуван од претседателот на UAW, Шон Фејн, кој појавата на претседателот на САД на вакви демонстрации ја окарактеризра како „историска“. 

-Синдикатите ја изградија средната класа. Тоа е факт. Ајде да продолжиме, им порача претседателот на работниците. 

Бајден се соочува со намален рејтинг поради слабата економија. Обидот да ги подржи работниците во овој голем штрајк е во прилог на зголемување на неговата популарност, а во време кога кампањата за избор на претседател на САД добива во силина. 

Тој дојде во Мичиген по претходна покана на Фејн, кој одби да се сретне  со  поранешниот претседател Доналд Трамп, републиканец, кој планира да го посети Мичиген денеска. 

Фејн го искритикува Трамп заради тоа што поранешниот претседател ја префрлил вината на работнциците за време на кризата во 2008 година и што не ги подржал во штрајкот во 2019 година. 

Белата куќа се најде на лизгав терен по присуството на Бајден на митингот, обидувајќи се да остане непристрасна во овој сериозен капиталистички конфликт што може да ја влоши економската ситуација во САД. 

Посебно откако тој на прашања на новинар дали се согласува со 40 отсто зголемување на платите на работниците, едно од основните барања на синдикатот,  одговори „да“. Од Белата куќа одговорија дека Бајден не го слушнал прашањето пред да одговори. 

Претседателот се согласува дека е потребно зголемување на платите, но не се меша во преговорите меѓу UAW и менаџментот на компаниите, порачаа од Белата куќа. 

Штрајкот минатата недела се прошири до 41 локации во 21 сојузнa држави, од халите излезени се 18,325 работници. 

Од Мичиген, Бајден доцна синоќа замина на митинг за Калифорнија. кб/ сд/

Остани поврзан