• сабота, 28 декември 2024

Бектеши: Скопје ќе има парно без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не

Бектеши: Скопје ќе има парно без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) – Топлинска енергија од 15 октомври ќе има за сите потрошувачи во град Скопје без разлика дали ќе работи или нема да работи когенеративната електрана ТЕ-ТО, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши. -Ако не работи ТЕ-ТО во делот на производство на електрична енергија со чиј нус производ се обезбедуваат 60 до 70 отсто од производството на топлинска енергија за градот Скопје топланите Исток и Запад со набавката на гас ќе ја покријат целата потрошувачка во делот  на топлинска енергија која ја има во градот Скопје. Ако работи ТЕ-ТО топланите Исток и Запад ќе работат со помал интензитет, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање по официјалното пуштање во употреба на соларната електрана на ГЕНИ со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово. Нагласи дека со моменталните цени на електричната енергија на регионалната берза ХУПЕКС на компаниите кои се на слободниот пазар им е поевтино да набават струја од увоз отколку да ја произведе ТЕ-ТО. -Ако ја земеме во предвид моменталната цена на природниот гас од 1500 евра за 1000 нормални кубни метри, цената на производство на електрична енергија од ТЕ-ТО ќе биде околу 280 евра по мегават час. Цената, пак, на берзата на ХУПЕКС моментално е 200 евра за мегават час што значи дека на компаниите на слободниот пазар им е подобро да увезат струја отколку да ја преработи ТЕ-ТО, прецизира Бектеши. Посочи дека јавно ги повикал одговорните во топланата Скопје Север, која е во стечајна постапка, да се обратат до ЕСМ за набавкана природен гас. -Ако имаат законска можност можат директно да се обратат и до Макпетрол за набавка на гас, рече Бектеши. Нагласи дека како одговорна Влада до Собранието веќе доставиле измени на Законот за стокови резерви со цел да се обезбедат алтернативни енергенси доколку има проблеми во снабдувањето со гас поради последните настани во војната во Украина. -Со Република Бугарија имаме договор да не се затвораат прекуграничните капацитети за електрична енергија што е многу важно за стабилноста на електроенергетскиот систем во нашата држава. Голема работа заврши и премиерот Димитар Ковачевски со бугарскиот претседател Румен Радев со која е договорено до крајот на неделава да се зголемат капацитетите на постојниот гасовод што го имаме со Бугарија за да можеме да користиме и други извори во делот на снабдување со природен гас, истакна Бектеши и како алтернативни ги посочи ЛНГ терминалите во Грција и во Турција.вј/лв/

Остани поврзан