• сабота, 28 декември 2024

Бектеши: Секое домаќинство и деловен субјект ќе може да постави фотоволтаик и да ја продава произведената струја

Бектеши: Секое домаќинство и деловен субјект ќе може да постави фотоволтаик и да ја продава произведената струја
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Граѓаните од 1 јули годинава непречено ќе може да поставуваат фотоволтаици за производство на електрична енергија на своите покриви со инсталирана моќ до шест киловат часови, а универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ ќе биде должен да им го откупи вишокот на произведена струја или да им одбие од сметката кога ќе трошат повеќе од произведеното. Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија што ги подготви Министерството за економија со кои се овозможува граѓаните и компаниите да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија. Измените, како што кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, стапуваат во сила утре, со објавување на Правилникот во Службен весник. - Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, согласно реформите на Законот за енергетика направени во 2019 година се воведуваат производителите-потрошувачи како нови учесници на пазарот. Согласно Правилникот потрошувач-производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродистрибутивната мрежа, рече Бектеши. Досега, како што нагласи, потрошувач-производител можеше да го предава вишокот на произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа ако, меѓу другото, не бил снабдуван со електрична енергија од универзалниот снабдувач. - Со последните измени ќе биде обврска на универзалниот снабдувач да ја преземе вишокот на електрична енергија од сите кои ќе одлучат да стават такви инсталации на своите покриви со тоа што ќе може на секои шест месеци да се направат дополнителни фактури со кои ќе им се намалат сметките или да се договорат директно да им плаќа на домаќинствата и на правните субјекти што ќе направат вакви инвестиции, прецизира Бектеши. Досега, посочи тој, максималната инсталирана моќ беше четири киловат часови за домаќинствата, а сега се зголемува на шест, додека за малите потрошувачи беше 20 киловат часови, а сега се зголемува на 40. Според министерот, со цел да се поттикне инвестирањето во обновливи извори на енергија, Министерството за економија ќе субвенционира до 30 отсто од трошоците за инсталирање на фотоволтаици на покривите на домаќинствата, но не повеќе од 62.000 денари за што наскоро ќе биде распишан јавен оглас. Согласно Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година за оваа намена се предвидени  60 милиони денари. - Секое домаќинство и секој мал потрошувач - правен субјект од 1 јули ќе може да почне со вакви инвестиции. Министерството за економија за да се олесни постапката предложи до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење, односно да се избрише одредбата со која Општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на покрив за потрошувачите-производители, посочи Бектеши. Тој нагласи дека инвестицијата чини од 700 до 800 евра за киловат час и додаде дека во нашата држава фотоволтаиците може да работат 1.500 часа годишно. Бектеши прецизира дека обврска на „ЕВН хоум“ ќе биде да ги промени сегашните броила на оние што ќе постават фотоволтаци на своите покриви и да постави соодветни, а за тоа нема да треба да плаќаат граѓаните. вј/сп/

Остани поврзан