• недела, 24 ноември 2024

Бектеши пред ЦЕФТА: Отстранувањето на пречките во трговијата ќе овозможи просперитет за сите

Бектеши пред ЦЕФТА: Отстранувањето на пречките во трговијата ќе овозможи просперитет за сите
Скопје, 5 мај 2021 (МИА) - Слободното движење на стоки, слободната трговија со услуги, отстранувањето на пречките во трговијата и дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите се дел од главните приоритети на македонското претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) што министерот за економија Крешник Бектеши ги посочил на денешната презентација пред генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ и амбасадорите на земјите-членки на ЦЕФТА. -Примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, се основи врз кои се темели македонското претседавање со ЦЕФТА, истакнал Бектеши во Брисел. Нагласил дека клучниот столб на македонското претседавање со ЦЕФТА е трговијата и оти главната цел е олеснување на слободното движење на стоки, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. - Како еден од приоритетите на претседавањето се и преговорите и склучувањето на Дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА, истакнал Бектеши додавајќи дека во олеснувањето на трговијата со стоки, фокусот ќе биде ставен на взаемно признавање на трговските документи, поедноставување на процедурите и понатамошно усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ. Како дел од активностите што ќе се преземат за време на македонското претседателство ќе биде и продолжување на функционирањето на зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји. Активностите ќе бидат насочени и кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на Овластените економски оператори и други. Генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА потенцирал дека ЦЕФТА има амбициозна агенда за годинава насочена кон олеснување на економското закрепнување на регионот на ЦЕФТА. - Лидерите на регионот ветија дека ќе градат заеднички регионален пазар со еден глас и заеднички погон. Беа направени силни обврски, и тие обврски бараат акција. Годината ја започнавме со амбициозна агенда, развивајќи нови механизми и покренувајќи иницијативи за олеснување на трговијата и забрзување на економското закрепнување на регионот. Направена е многу работа, но потребни се дополнителни напори за да се дадат резултати ветени за Самитот во Берлин. Тоа ќе биде клучна точка не само да се процени силата на регионалната соработка, туку и да се донесат опипливи резултати за бизнисите и нашите граѓани, нагласил Џикиќ во обраќањето пред амбасадорите. бак/лв/

Остани поврзан