• недела, 24 ноември 2024

Бектеши: Отворени сме за конкретни, но одржливи предлози од коморите

Бектеши: Отворени сме за конкретни, но одржливи предлози од коморите

Скопје, 21 март 2023 (МИА) -  Сите одлуки за цените се донесени по директни разговори со производителите и се информирани и стопанските комори и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора на Северна Македонија, рече министерот за економија Крешник Бектеши, коментирајќи ги денешните апели од коморите да престане замрзнувањето на цените и да се воведат други механзими за нивно намалување и за помош на граѓаните.

Според Бектеши, Министерството за економија е отворено за конкретни предлози за други мерки, механизми и методологии но кои, како што нагласи, се одржливи. Досега  добиле конкретен предлог само за укинување на сите царински давачки, што посочи дека е неодржливо и на краток и на долг рок. 

На новинарско прашање на прес-конференцијата на која беше објавено замрзнувањето на цените на оризот и јацата, Бектеши повтори дека нема да разговара со актуелното раководство во секторот за производство на леб во Сојузот на стопанските комори, туку директно со сите производители. 

-Во делот на Сојузот на стопански комори и во нивниот сектор за производство на леб, јас сум кажал дека додека е ова раководство, јас како министер за економија нема да седнам со нив да разговарам, но ќе разговарам директно со сите производители во државата заради тоа што тие што требаше да ја почитуваат одлуката и што ги претставуваат сите членки, самите  тие злоупотребуваат и ги лажат своите членови што ги  имаат во нивната комора и работат надвор од законот, а вие тоа го знаете и веќе е јавно направено, рече Бектеши.

Отворени сме, дополни, ако има конкретни предлози за одредени други механизми, друга методолгија и мерки кои треба Владата да ги прегледа и да ги реализира во согласност со стопанските комори да седнеме и да разговараме.

-Не би сакал да кажам со паушални изјави, но ако конкретно нешто се дава како предлог може да го дадат и до кај нас како институции, може и јавно да го презентираат пред граѓаните. И ако е одржливо секако ние сме подготвени да прифатиме предлози кои доаѓаат од стопанските комори. Само имаме конкретен предлог во делот на укинување на сите царински давачки. Таков предлог моментално е  пристигнат во Министерството за економија. Такви предлози за укинување на сите царински давачки мислам дека не се одржливи ниту во краток, ниту во долг рок, рече Бектеши.   

И премиерот Димитар Ковавевски потенцираше дека одлуките се носат со производителите и со трговците поединечно за секој производ.  И затоа, посочи, одлуките се носат така како што се завршуваат анализите и таму каде што може да се донесат. Кога замрзнуваме одредена цена на ниво определно со одлуката тогаш се внимава да има доволно количини во продажбата кои одговарата на побарувачката. Не може да има генерално замзрнување заради тоа што може а се внесе некој производ на кој реално не може да му се замзрне цената, рече Ковачевски, на новинарско прашање. 

Како што соопштија претходно Ковачевски и Бектеши, Владата денеска ги змрзна и цените на оризот и на јајцата, откако претходно тоа беше направено и со цените на белиот и полубелиот леб, на дел од тестенините и на  млечните производи. 

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) во пресрет на прес-конференцјата во Владата побараа да се престане со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви.

И од  Стопанската комора на Северна Македонија порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение, а  товарот од кризата, како што рекоа, не треба да го носи само една индустрија, туку треба да падне врз грбот на сите по малку. Прдлоѓија државата да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејства кои би купувале леб по замрзнати цени. лв/аа/

 

Остани поврзан