• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши: Од 7 до 20 април затворање на сите угостителски објекти

Бектеши: Од 7 до 20 април затворање на сите угостителски објекти
Скопје, 5 април 2021 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук-профил информира дека Владата денеска донесе одлука за затворање на сите угостителски објекти од среда до 20 април 2021 година. - Почнувајќи од 7 април 2021 (среда), сите угостителски објекти (кафеани, ресторани, барови, клубови) ќе имаат целосна забрана за гости/посетители. Оваа мерка, како што денеска одлучи Владата на Северна Македонија, по предлог на Комисијата за заразни болести ќе важи до 20 април 2021 година (среда). Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт, напиша Бектеши. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Министерството за економија секогаш е за поддршка на секторот, но очекува разбирање и соработка се со цел надминување на оваа ситуација. Тој препорачува до сите угостителски објекти да не прават дополнителни залихи денеска и во текот на утрешниот ден, со цел да се избегнат поголеми загуби од воведените рестрикции за работа. Тој вели дека Министерството за економија во континуитет работи за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор со цел за полесно справување со негативните ефекти од пандемијата. - Поддршката ќе продолжи и во наредниот период. Министерството за економија ќе продолжи да креира мерки за поддршка на секторот. Најважно од се во овој момент е здравјето на граѓаните, напиша Бектеши. фф/сп/

Остани поврзан