• среда, 18 декември 2024

Бектеши од Вашингтон: Северна Македонија е стабилна и безбедна дестинација за американските инвеститори

Бектеши од Вашингтон: Северна Македонија е стабилна и безбедна дестинација за американските инвеститори

Вашингтон, 12 јули 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на посетата во САД заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и извршниот директор на НОМА ГАС Бајрам Реџепи, одржаа работен состанок со претставници на Управниот одбор на Американската-централно европска бизнис асоцијација (АЦЕБА) каде ги презентираа можностите за инвестирање во Северна Македонија.

Министерот Бектеши, како што информираат од Министерството за економија, на состанокот посочил дека САД се еден од најголемите странски инвеститори во земјата и дека успешно работат неколку американски компании од автомобилската индустрија.

-Трговската размена и севкупната билатерална соработка меѓу САД и Северна Македонија бележи раст во последната деценија, истакнал Бектеши и додал дека потенцијалите за продлабочување на економската соработка и за зголемување на инвестициите се големи.

Бектеши нагласил дека Северна Македонија е веќе препознаена од страна на други инвеститори како стабилна и безбедна дестинација за инвестирање и ги информираше претставниците на АЦЕБА за можностите и бенифициите за странските инвеститори во земјата.

-Според актуелната законска регулатива, вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена на странските инвеститори во земјата, не може да надмине 50 проценти од висината на реализираните оправдани инвестициски трошоци. Имаме големи олеснувања за странските инвеститори, како што се повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците, истакнал Бектеши.

Министерот посочил дека Владата има воспоставено економска структура за привлекување на нови странски инвестиции која функционира, која испорачува резултати, а за тоа доказ се податоците за историски рекордна вредност на странски директни инвестиции минатата година.

-Владата на Република Северна Македонија постави системски основи на економскиот раст и развој, довербата на инвеститорите ја стекнуваме преку стабилни и транспарентни правила за поддршка на инвестициите, содржани во „Планот за економски раст“ кој беше усвоен во 2017 година. Успеавме да воспоставиме систем на привлекување и поддршка на инвестициите кој ги препознава и задоволува потребите на сите странски инвеститори, истакнал Бектеши пред претставниците на АЦЕБА, додавајќи дека Владата ќе продолжи да работи на подобрување на условите на странските инвеститори кои што веќе работат во земјата, но и на креирање на политики за привлекување на нови.

АЦЕБА е водечка американска бизнис асоцијација фокусирана на соработка со земјите од Централна и Источна Европа. дма/бак/

Фото: Министерство за економија

 

 

 

Остани поврзан