• четврток, 26 декември 2024

Без натпревари во Англија најмалку до 30 април

Без натпревари во Англија најмалку до 30 април
Лондон, 19 март 2020 (МИА) - Обновувањето на сезоната во Англија е одложено! Оваа одлука клубовите ја донесоа денес на вонредната средба организирана од Премиер лигата. Фудбалските натпревари на сите нивоа се откажуваат најмалку до 30 април. Покрај тоа, рокот за завршување на сезоната е продолжен на неодредено време, затоа што според сегашната уредба, тоа треба да се случи најдоцна до 1 јуни. Не е одреден нов рок. Видео-конференцијата помеѓу претставниците на сите 20 клуба од англиската елита и раководството на Премиер лигата започна денес во 11:30 часот по македонско време. Клубовите се обединија во својата намера да ги бараат сите можни начини за продолжување на соодветните првенства и да завршат кога условите ќе дозволат тоа да се случи. Сепак, сето тоа зависи од состојбата и мерките што владата на земјата ќе ги преземе со оглед на обемот со кој ќе продолжи пандемијата КОВИД-19. Клубовите во Англија едногласно ја поддржуваат одлуката на Европскиот фудбалски шампион на УЕФА да биде одложена за една година за да се овозможи индивидуалните првенства да се завршат во текот на летото. Пред шест дена, водечките фактори во англискиот фудбал решија да ги прекинат натпреварите на сите нивоа во земјата, барем до 3 април. Како што веќе се виде, мерката беше продолжена до крајот на следниот месец, барем засега. Одлуката важи за сите натпревари во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска.

Остани поврзан