• недела, 24 ноември 2024

Без дом околу 3.000 бегалци и мигранти по пожарот во Мориа, се бараат 35-те позитивни лица на Ковид-19

Без дом околу 3.000 бегалци и мигранти по пожарот во Мориа, се бараат 35-те позитивни лица на Ковид-19
Атина, 9 септември 2020 (МИА) – Околу 3.000 бегалци и мигранти кои беа сместени во Центарот за прием и идентификација во Мориа на грчкиот остров Лезбос се без кров над глава, 408 деца бегалци без придружба се безбедни и ќе бидат пренесени во континенталниот дел на Грција, додека пак се прават напори за пронаоѓање на 35-те лица заразени со Ковид-19, по пожарот што во текот на ноќта изби во најголемиот беглски камп во Грција и целосно изгоре прифатниот центар, јави дописничката на МИА од Атина. За моменталнта ситуација во Мориа, како и за тоа како избил пожарот, денеска на вонредна прес конференција информираше алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос, кој рече дека, засега, не постојат податоци дека во пожарот има човечки жртви. -Во моментов управуваме со голема хуманитарна криза. Се прави сѐ што е човечки можно за да се справиме со многу тешката ситуација, истакна Кумуцакос. Додаде дека за околу 3.000 лица кои останаа без кров над глава се бара привремено решение за нивно сместување, додека пак останатите, околу 10.000 бегалци и мигранти кои беа во надворешниот дел на Мориа, односно вон прифатниот центар и понатаму остануваат во нивните шатори. Кумуцакос истакна дека главниот приоритет на Владата е да се заштитат децата бегалци без придружба, вкупно 408 кои се на безбедно и уште од денеска ќе бидат префрлени во други делови на Грција. -Комбинацијата миграциско прашање, пандемија и денешните драматични услови, ја прават ситуацијата особено тешка во управувањето, истакна Кумуцакос. Објасни дека пожарот започнал поради реакциите на дел од бегалците и мигрантите позитивни на Ковид-19 и нивното незадоволство да бидат префрлени во карантин. Во Мориа, од 1.900 направени тестови на бегалците и мигрантите, беа потврдени 35 случаи и засега нема информации, по пожарот, каде се овие лица , а како што рече Кумуцакос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, се прават напори за нивно пронаоѓање. -Напорите се да се пронајдат овие лица, затоа е ограничено движењето на луѓето што се наоѓаат вон Центарот за прием и регистрација, тоа е и поради нивна лична заштита, но и за заштита на населението, рече Кумуцакос, објаснувајќи дека токму поради лицата позитиивни на Ковид-19, заедно со министрите од Владата, на Лезбос е и претседателот на Националнат организација за јавно здравје на Грција. ср/ссм/

Остани поврзан