• среда, 18 декември 2024

Безбедносни сили упаднаа во канцеларијата на Ал Џезира во Тунис

Безбедносни сили упаднаа во канцеларијата на Ал Џезира во Тунис
Тунис, 26 јули 2021 (МИА) - Катарската телевизиска мрежа Ал Џезира денеска соопшти  дека туниските безбедносни сили упаднале во нејзината канцеларија во главниот град Тунис и побарале од тамошните новинари да заминат од објектот. Упадот на полицијата е во време на политичка криза во земјата меѓу претседателот Каис Сајед и исламистичката Енахда, која е најголемата политичка партија во земјата. - Најмалку 20 тешко вооружени полицајци влегоа во канцеларијата и им наредија на новинарите да ги исклучат телефоните. Не им беше дозволено да ги земат своите лични работи, објави Ал Џезира. Репортери без граници на Твитер го осудија упадот во канцеларијата на Ал Џезира во Тунис и ги повика властите да ги почитуваат слободата на медиумите и плурализмот. Критичарите ја обвинуваат Ал Џезира за пристрасно известување и поддршка на исламистичките движења во арапските земји, а катарската телевизиска мрежа ги негира таквите наводи. Претседателот на Тунис Каис Сајед синоќа ја замрзна работата на Парламентот на 30 дена, а одлуката може да биде продолжена на неколку месеци. Тој исто така го разреши и премиерот Хикем Мечичи и ја презеде функцијата се до именување на нов премиер. На претседателот на Парламентот Рашед Гануши, кој е лидер на Енахда, денеска беше спречен дда влезе во зградата. Илјадници луѓе се собраа во главниот град на Тунис и другите градови вчера барајќи оставка од Владата поради пораст на бројот на заболени со Ковид-19, и лошата економска состојба. Во главниот град полицијата употреби бибер спреј против демонстрантите кои фрлаа камења и бараа оставка од премиерот Меши. Протести имаше и во Гафса, Сиди Бузид, Монастир и Набеул. ми/

Остани поврзан