• среда, 25 декември 2024

БЕГ има средства за набавка на гас до утре, бара Владата времено да го преземе управувањето со компанијата

БЕГ има средства за набавка на гас до утре, бара Владата времено да го преземе управувањето со компанијата
Скопје, 13 јануари 2022 (МИА) - Компанијата за производство на топлина Балкан Енерџи вечерва соопшти дека има средства за набавка на гас само до крајот на утрешниот ден и бара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона. - Ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија во ПТБЕ, предложивме Владата да ја превземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона, се наведува во соопштението од компанијата. Од БЕГ информираат дека во четвртиот квартал од 2021 година успеале да ги амортизираат пазарните ризици и да обезбедат растот на цената на гасот да не се одрази врз цената на топлинската енергија која се испорачува до корисниците, но дека енергетската криза која продолжува и во новата 2022 година со висока цена на гасот на берзите директно се одразува врз трошоците на работењето на компанијата. - Одобрената тарифа за топлинска енергија од Регулаторната комисија за енергетика покрива незначителен дел од овие зголемени трошоци. Владата и нашата компанија вложија големи напори да се покрие финансискиот јаз помеѓу набавната берзанска цена на природниот гас и одобрениот трошок во тарифата за производство на топлинска енергија кој за месец јануари 2022 година изнесува девет милиони евра. Сепак поради постоење објективни пречки за обезбедување финансиски средства од државата, сеуште не е најдено решение за овој горлив проблем. Во меѓувреме од почетокот на грејната сезона, ПТБЕ самостојно од своите ограничени тековни средства и приливи ја финансира набавката на природниот гас. Цената на гасот за месец јануари 2022 година согласно договорот со добавувачот на природен гас е определена како средна цена на јануарските фјучерси во месец декември 2021 година, кога цените на берзите достигнаа највисоко ниво. Добиваме голема помош од компанијата ТЕ-ТО АД која со своите испораки на топлинска енергија во системот ја намалува потребата за набавка на природен гас во износ од дополнителни пет милиони евра. Владата се заложи за итно плаќање на доспеаните фактури на буџетските потрошувачи. Сепак, ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден, се вели во соопштението. бак/  

Остани поврзан