• среда, 25 декември 2024

Бегај на „форум Б-9“ во Драч: Денешната средба важен инструмент за унапредување на соработката

Бегај на „форум Б-9“ во Драч: Денешната средба важен инструмент за унапредување на соработката

Тирана, 6 јуни (МИА) – Во албанскиот пристаништен град Драч, се одржува 17. конференција на началниците на Генералштабовите на армиите на балканските земји (форум Б-9), со учество и на високи претставници од НАТО и ЕУ, со фокус на младинскиот ангажман во прашањата за одбраната и безбедноста.

Поздравувајќи ги учесниците, претседателот Бајрам Бегај, кој е поранешен началник на ГШ на албанската армија, средбата ја оцени како „важен инструмент за унапредување на соработката и придонес за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот“ акцентирајќи ја и важноста од ангажирање на младите во безбедносните и одбранбените прашања.

-Поттикнувањето на нивното вклучување, поттикнувањето на иновациите, справувањето со предизвиците на регрутирањето и останувањето во вооружените сили се гаранции за сигурна иднина на нашиот регион, рече тој.

Исто така, поздравувајќи го учеството на Словенија и Хрватска на овој форум, истакна дека „оваа средба ќе биде уште покомплетна со учество на Косово“.

-Нагласив и ќе продолжам да нагласувам дека членството на Косово во меѓународните политички и безбедносни иницијативи и организации во регионот, но и на глобално ниво, како што е Јадранската повелба А5, ќе биде додадена вредност и извонреден придонес за мирот и безбедноста, оцени тој.

Ја користам можноста, додаде тој, да ја поздравам одлуката на Собранието на НАТО за унапредување на статусот на Косово како придружна членка, како „чекор кон побезбеден и поевропски регион“. вт/мс/

Фото: МО на Албанија

Остани поврзан